Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска ќе одржи прес-конференција посветена на Извештајот на Европската комисија, со осврт на напредокот во областа на дигиталната трансформација.
Прес-конференцијата ќе се одржи во Медиа центарот на Владата на Република Македонија.
Во извештајот за напредокот на земјава за 2026 година, во Поглавјето 10 – Дигитална трансформација и медиуми, Европската комисија констатира „добар напредок“ и го подигнува нивото на подготвеност на државата.
-Европската комисија го препозна напредокот во дигитализацијата на Македонија. Од оценка „ограничен напредок“ во периодот 2021 – 2024 преку „одреден напредок“ во 2025, до „добар напредок“ годинава. Зад оваа промена стојат многу работа, посветен тим и конкретни резултати. Повеќе електронски услуги и удвоено користење од граѓаните. Подобра електронска размена на податоци меѓу институциите. Зајакната кибербезбедност. Нови закони и стратегии усогласени со европските стандарди – наведува Андоновски на објава на „Фејсбук“.
Од Министерството, по објавувањето на Извештајот, посочија дека ЕК ги препознава конкретните резултати во законодавното усогласување, проширувањето на електронските услуги, зајакнувањето на интероперабилноста и кибербезбедноста.
Меѓу клучните реформи се усвојувањето на долгорочната ИКТ-стратегија со акциски план и стратегијата за кибербезбедност, донесувањето на законите за електронски комуникации и за безбедност на мрежи и информациски системи, како и законските измени за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги. Дополнителното усогласување во областа на електронските комуникации претставува важен чекор кон европските правила и стандарди.
– Резултатите се видливи и во услугите што ги користат граѓаните и компаниите. Европската комисија констатира дека користењето на електронските услуги е удвоено во однос на претходната година. Според податоците опфатени во извештајот, на крајот на август 2026 година на националниот портал биле достапни 338 електронски услуги, вклучително и делумно достапните услуги. Препознаено е и воведувањето услуги што граѓаните најчесто ги бараат, како изводи од матичните книги и уверенија за државјанство, како и подобрувањето на пристапот до услугите за бизнисите – велат од Министерството.

