Во заедничка организација на Парламентарното собрание на НАТО и НАТО, во Брисел на вчера прв пат се одржа парламентарен состанок со Северноатлантскиот совет на НАТО/NAC, на кој беа поканети шефовите на делегациите во ПС НАТО и претседателите на националните комисии за одбрана. Состанокот имаше за цел да ја нагласи ја суштинската улога што ја играат сојузничките парламенти во рамките на Алијансата во спроведувањето на клучните цели договорени на Самитот на НАТО во Хаг во 2025 година и на Самитот на НАТО во Анкара во 2026 година – информираат од македонското Собрание.
На состанокот учествувала и македонската собраниска делегација, во чиј состав биле пратениците Драган Ковачки, шеф на делегацијата на Собранието во ПС НАТО и Павле Арсоски, претседател на Комисијата за одбрана и безбедност.

– Состанокот претставуваше единствена платформа на која пратениците разменија мислења со Маркос Перестрело, Претседател на Парламентарното собрание на НАТО, Марк Руте, Генерален секретар на НАТО, Ник Кацарас и Тарја Јакола, помошници на Генералниот секретар на НАТО и со своите колеги од парламентите на земјите членки на НАТО. Споделени беа клучни пораки што парламентарците треба да ги пренесат на своите национални парламенти за да помогнат во забрзувањето на спроведувањето на приоритетите на Алијансата и да продолжат да градат посилна Европа во посилно НАТО. Заклучено беше дека само со заедничка акција на парламентите може да се преточат обврските на Алијансата во национални акции и планови во областите на инвестиции во одбраната, развој на капацитети, набавки и отпорност. Воедно, беа дискутирани модалитетите на соработка меѓу комисиите за одбрана во сојузничките парламенти, Парламентарното собрание на НАТО и НАТО – се вели во соопштението од НАТО.

Претставниците на НАТО нагласиле дека кредибилното одвраќање се потпира на сојузничката кохезија, одржливите инвестиции и брзата испорака на капацитети за одбрана. Трансатлантската врска останува камен-темелник на Алијансата, додека европските сојузници го зголемуваат својот придонес во конвенционалната одбрана и ги засилуваат напорите за исполнување на барањата за развој на капацитетите. Разменети биле најдобри национални практики во спроведувањето на 5% од Хашката обврска за одбрана, истовремено мобилизирајќи ги сојузничките парламенти за да се обезбеди НАТО да има одржлива политичка поддршка и ресурси што му се потребни за да одврати и да се брани од каква било закана на долг рок.
Состанокот ја нагласил улогата што Парламентарното собрание на НАТО и националните парламенти ја имаат во поддршката на приоритетите на Алијансата и обезбедувањето на нивно навремено спроведување и ја истакна улогата на парламентарната дипломатија во подобрувањето на трансатлантските односи и градењето стратешко заедништво меѓу сојузниците.

