Реклама

Седрак за изборите во Бугарија: Бугарскиот претседател ќе биде без летимитет, како дома, така и во Брисел

Седрак за изборите во Србија: Се менува политичката култура, многумина студентското движење го сметаат како Шарената револуција

Нови серии, нови технологии-ново лице на ТВ Алфа

Јотова води, Радев загуби: Бугарите со катастрофална излезност го одземаат легитиметот на премиерот и Владата

Божиновска: Не може различната визија за енергетиката да се прогласи за кршење на Уставот

ЕУ по изборниот пораз на Вучиќ: „Вратите се отворени, подготвени сме да и помогнеме на Србија“

Дурмиши: Минималната плата ќе продолжи да расте во 2027 година

Ден по тектонскиот потрес: Вучиќ ги пакува куферите, граѓаните во еуфорија, студентите договараат – кој ќе ја води државата

Клучни избори во Србија – голема излезност, крајна неизвесност

Растат цените на квадрат во Штип – рекордот е 1.500 евра

„Св. Еразмо“ по една деценија чекање – новиот болнички блок треба да биде готов до крајот на годината

Бугарија избира нов претседател: Избори за тест на власта на Радев и геополитичкиот курс на земјата

Македонија

Седумнаесетта Школа за млади лидери на претседателот Иванов: „Нов свет. Ново лидерство. Нов прагматизам“

Под темата „Нов свет. Ново лидерство. Нов прагматизам.“ вчера започна 17-тата Школа…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Под темата „Нов свет. Ново лидерство. Нов прагматизам.“ вчера започна 17-тата Школа за млади лидери на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов. Програмата се реализира од 26 октомври до 7 ноември 2026 година, во комбиниран формат, со онлајн сесии од 26 до 29 октомври и со програма со физичко присуство од 31 октомври до 7 ноември во хотелот „Инекс Олгица“ во Охрид – информираат од Кабинетот на Иванов.

Школата традиционално била отворена со обраќање на нејзиниот основач, претседателот Ѓорге Иванов, по што следеле обраќањата на Берти Ахерн, поранешен премиер на Ирска (1997–2008) и еден од главните архитекти на Договорот од Велики петок од 1998 година, и Рик Хатавеј, коосновач на Global Learning Lab International. Модератор бил Иван Иванов од Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизациите“.

Во воведното обраќање, претседателот Иванов ја разработил годинашната тема, осврнувајќи се на промените во современиот свет и на одговорноста на младите да учествуваат во нивното обликување. Тој го истакнал концептот на „креативно малцинство“ како двигател на цивилизациските промени – луѓе кои размислуваат самостојно, преземаат иницијатива и создаваат решенија, наместо да очекуваат тие да дојдат од другите.

Реклама

Говорејќи за новиот прагматизам, Иванов се осврнал на искуството на Сингапур, истакнувајќи ги меритократијата, прагматизмот и чесноста како принципи на неговиот развој. Ја нагласил потребата знаењето и идеите да се поврзат со практична мудрост, разбирање на контекстот и способност да се одговори на реалните предизвици, при што чесноста останува основа на одговорното лидерство.

Посебно внимание посветил на „когнитивниот суверенитет“ – зачувувањето на самостојноста на сопственото мислење во услови на дигитална преоптовареност и надворешни влијанија. Тој ги поттикнал учесниците да одвојуваат време за дигитален детокс, читање книги и саморефлексија, развивајќи ја способноста критички да ги преиспитуваат информациите и да донесуваат сопствени, промислени одлуки.

– Осврнувајќи се на кризата на либералната демократија и либералниот економски модел, Иванов истакна дека на новите лидери им е потребна не само карта, туку и компас — вредносна ориентација и расудување што ќе им помогнат да се движат низ неизвесноста. Во таа насока ја постави и мисијата на Школата: да ги поттикне младите да развиваат независно мислење, практична мудрост и одговорност за сопственото дејствување. Со завршната порака младите да не чекаат нов свет, туку активно да го создаваат, тој ја отвори 17-тата Школа за млади лидери – информираат од Кабинетот на Иванов.

Поранешниот премиер на Ирска, Берти Ахерн, во обраќањето истакнал дека лидерството подразбира одговорност, внимателно расудување и подготвеност за донесување тешки одлуки. Споделувајќи искуства од мировниот процес во Северна Ирска и постигнувањето на Договорот од Велики петок, ја нагласил важноста на дијалогот, трпението и градењето доверба, посочувајќи дека компромисот не е слабост, туку чин на храброст.

На младите лидери им порачал да слушаат внимателно, да бидат отворени кон различни перспективи и секогаш да ги ставаат луѓето во средиштето на своето дејствување. Ахерн ја истакнал и неопходноста од меѓународна соработка, нагласувајќи дека ниту една држава не може сама да одговори на современите глобални предизвици.

Рик Хатавеј, говорејќи за лидерството со општествено влијание, истакнал дека успехот на лидерите се мери според нивниот придонес кон заедницата, повикувајќи на премин од стремежот да се биде „најдобар во светот“ кон стремежот да се биде „најдобар за светот“. Тој нагласил дека идеалите и посветеноста треба да се преточат во конкретни, мерливи резултати преку прагматичен пристап и ефикасно дејствување. Како клучни насоки ги издвоил соработката меѓу приватниот, јавниот и граѓанскиот сектор, градењето одржливи системи што ќе им служат и на идните генерации и внимателното слушање на вистинските потреби на луѓето. На младите лидери им порачал да ги користат своите знаења, истрајност и влијание за суштински општествен напредок и за поддршка на следната генерација лидери.

Заедничка порака од обраќањата била дека лидерството се потврдува преку интегритет, одговорност и конкретни резултати што го подобруваат животот на луѓето и заедниците.

Годинашната програма на Школата ги става во фокус одговорното расудување, етичкото одлучување и примената на знаењето во решавањето на современите предизвици. Особено внимание ќе биде посветено на вештачката интелигенција и нејзиното влијание врз начинот на кој учиме, работиме и водиме, како и на човечките вредности и одговорноста во користењето на новите технологии.

На годинашната Школа учествуваат 40 млади од осум држави – Македонија, САД, Азербејџан, Турција, Египет, Јапонија, Непал и Авганистан. Со различни образовни и професионални профили, учесниците се обединети од интересот за лидерство, личен развој и општествен ангажман. Меѓународниот состав овозможува размена на различни перспективи и искуства и создавање врски за идна соработка.

Програмата обединува менторство, предавања, интерактивни работилници, дискусии и групни проекти, со учество на триесетина предавачи од земјата и од странство. Учесниците ќе имаат можност да ги развиваат своите лидерски и комуникациски вештини, да работат на заеднички решенија и да разменуваат искуства со предавачи и млади луѓе од различни професионални и културни средини. Предвидени се и проектни задачи со практична примена на вештачката интелигенција, ораторска вечер, еколошка акција и запознавање со културното и историското наследство на Охрид.

Меѓу годинашните предавачи и говорници се Рза Алиев, генерален секретар на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“; д-р Рашела Мизрахи, пратеничка во Собранието; Кордел Картер, основач и извршен директор на Project on Belonging; проф. Колин Снајдер од Универзитетот на Тексас во Тајлер; Мајк Коб, стратег за иновации и организациска извонредност; и Зоран Јолевски, поранешен министер за одбрана и поранешен амбасадор во САД.

Своето знаење и искуство ќе го споделат и Филип Нелковски, стипендист на Stanford CDDRL; Емануел Штадлер, коосновач и извршен директор на Optimentum; Јакуб Поплухар, обучувач и консултант за вештачка интелигенција; Војдан Карапетковски, извршен директор на Kara5; Илија Тоневски, извршен директор на Delfino Mobility Group; и Стојче Стаменковски, посебен советник за комуникации во Кабинетот на министерот за надворешни работи и надворешна трговија.

Предавања и работилници во рамките на програмата ќе одржат и Сања Митровска, основачка и извршна директорка на Networker и креаторка и водителка на The Founder Games™; Ана Секуловска, програмска директорка на Startup Club Skopje; Зоран Костовски, директор на „Мотива“; Ранко Безар, консултант за менаџмент; м-р Ивана Хаџиванова, психолог и психотерапевт; како и Анастасија Илиевска, претседателка на Алумни асоцијацијата „Иванов Школа за лидери“ (ISLAA) и специјалист за јавен настап и говор на телото.

Посебен дел од програмата е сесијата со светски познатиот економист проф. д-р Џефри Сакс, директор на Центарот за одржлив развој при Универзитетот Колумбија и претседател на Мрежата на ОН за решенија за одржлив развој. Неговата работа е посветена на глобалниот развој, намалувањето на сиромаштијата и одржливоста, а неговото учество ќе им овозможи на младите да се запознаат со перспективите на еден од најистакнатите светски експерти во овие области.

Програмата ги опфаќа и панел-дискусијата „250 години од американскиот експеримент: лидерство, демократија и преосмислување“ и посебната сесија „Лидерство во свет што не чека“ со министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, кој е и алумнист на Школата. Во рамките на сесијата со членови на Алумни асоцијацијата ISLAA, претставници од различни генерации ќе ги споделат своите професионални искуства и развојниот пат по учеството на Школата.

Втора година по ред, во рамките на Школата се реализираше и менторска програма, која започна во средината на септември и заврши пред отворањето на Школата. Во неа се вклучија 13 ментори од претходните генерации, а обуката на менторите и целата програма ги предводеа алумнистите Даниел Ѓокески и Весна Трајковска. Преку отворен разговор, размена на искуства и индивидуална поддршка, менторите придонесоа кон личниот и професионалниот развој на учесниците, зајакнувајќи ја поврзаноста меѓу генерациите на Школата.

Организатори на Школата се Кабинетот на поранешниот претседател д-р Ѓорге Иванов, Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизациите“ (ICAC) и Алумни асоцијацијата „Иванов Школа за лидери“ (ISLAA).

Реализацијата на Школата е овозможена со поддршка од спонзорите и поддржувачите: Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), Хотел „Инекс Олгица“ Охрид, ТАВ Македонија, EVN, Микросам, Алкалоид АД Скопје, Витаминка АД Прилеп, Delfino Mobility Group, Петрол Оил Компани, Еко флуид, HalkBank, Скопска Пивара, Езимит, Туркиш Ерлајнс, Костал, Обединета македонска дијаспора и МОТИВА.

Школата за млади лидери е иницијатива на претседателот Иванов, започната во 2010 година. Во претходните 16 изданија, програмата ја завршија 625 млади од Македонија и од над 40 други земји, а своето знаење и искуство го споделија околу 450 истакнати предавачи и говорници од земјата и од светот. Со своето 17-то издание, Школата ја продолжува посветеноста кон развојот на млади лидери кои со знаење, интегритет и општествена одговорност ќе придонесуваат во своите заедници и пошироко.