Промоција на детската книга „Ина“ од Весна Мојсова-Чепишевска се реализираше денеска во Скопје.
Како што информира организаторот, книгата за деца, со илустрации на Иванка НиБа, објавена од „Светулка“, на промоцијата првпат беше достапна за читателите.
– Во средиштето на вниманието беше приказна што преку светот на едно девојче отвора големи човечки прашања за прифаќањето, достоинството и правото на секое дете да биде слушнато и разбрано. Промоторката Ана Јовковска упатува исклучителни пофалби за книгата, нарекувајќи ја „фантастична“ и оценувајќи го авторскиот пристап на Весна Мојсова-Чепишевска и Иванка НиБа како „врвен книжевен и уметнички дострел“. Во својот осврт, таа особено го издвојува мајсторството „да се пишува со толку нежност и да се илустрира со толку разбирање“ за сложените искуства на детската ранливост, неприфаќањето и пронаоѓањето на сопствениот глас – пишува во соопштението.
Преку дневничката форма, како што се додава, авторката ѝ го препушта зборот на самата Ина.
– Нејзината прва училишна недела станува почеток на приказна што допира до длабоката човечка потреба да се припаѓа, да се биде прифатен и да се зачува сопственото достоинство. Детската перспектива му дава непосредност на раскажувањето, а нежноста со која е обликувана хероината ја гради блискоста со читателот. Во тој свет има место и за болката и за пркосот, и за ранливоста и за храброста. Јовковска особено го нагласува движењето од стравот и чувството на отфрленост кон сопствениот глас, емпатијата и надежта. „Многу надеж за овој суров свет!“, порачува таа, издвојувајќи ја една од најсилните пораки на книгата – се додава во соопштението.

