– Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба порача дека празникот е симбол на вековниот копнеж, пркосот и непоколебливата волја на македонскиот народ за слобода, правда и сопствена државотворност.
Во празничната честитка, Пецаков потсетува дека пред повеќе од еден век шестмина визионери ги поставиле темелите на организираната борба, од која низ историските премрежја се развивала идејата за слободна, самостојна и независна Македонија.
Тој посочува дека Охрид, како лулка на македонската писменост, духовност и култура, отсекогаш имал посебно место во македонската историска епопеја, а вредностите и храброста на предците се дел од колективната меморија на градот.
-Денес, борбата на нашата генерација е поинаква, но исто толку важна. Се бориме со знаење, труд, чесност и посветеност. Наша должност е да градиме модерен, развиен и европски Охрид, град во кој младите ја гледаат својата иднина на дедовината, а постарите живеат во достоинство и мир. Почитта кон минатото ја докажуваме со дела во сегашноста – наведува Пецаков.
Во честитката, градоначалникот повикува на зачувување на идентитетот, историјата и традицијата, како и на единство пред предизвиците и заедничко градење подобра иднина за Охрид и Македонија.

