Со музика, спорт и хуманитарна мисија, Општина Карпош го одбележа патрониот празник на ООУ „Петар Поп Арсов“, обединувајќи поранешни и сегашни ученици, наставници и граѓани во поддршка на училиштето.
На иницијатива на градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, и поранешни ученици на некогашното ООУ „Иван Горан Ковачиќ“, беше организиран хуманитарен музички настан под мотото „Од ИГК со љубов за ППА“, со кој беше испратена порака за заедништво, солидарност и припадност кон училиштето.
За музичкиот дел од програмата беа задолжени поранешни ученици кои денес се афирмирани музичари, меѓу кои Мартина Христовска, Гуру Харе и Петар Ренџов – Пепи, создавајќи атмосфера исполнета со емоции и спомени.
Посебен белег на настанот даде присуството на поранешните ученици и наставници, кои повторно се собраа во своето училиште за да споделат спомени и да ја поддржат благородната иницијатива насочена кон подобрување на условите за образование и развој на младите.
Во рамки на одбележувањето се одржа и ревијалниот одбојкарски натпревар „Искуство vs. Младост“, во кој се соочија професорки, поранешни македонски репрезентативки и шампионки, со нивните ученички, млади и талентирани одбојкарки.
Најголем победник на настанот, како што посочуваат организаторите, била хуманоста. Средствата собрани од настанот ќе бидат наменети за обнова на надворешното одбојкарско игралиште во ООУ „Петар Поп Арсов“, со што учениците ќе добијат подобри услови за спорт и рекреација.
Патрониот празник заврши со порака дека сплотеноста и меѓугенерациската поддршка се најголемата сила на заедницата, а хуманоста вредност што треба постојано да се негува.

