Владата, односно Министерството за финансии обезбедуваат средства за образованието, а во последните две години значително го зголемивме надоместокот што го добива наставниот и ненаставниот кадар на факултетите со што значително ја подигнавме материјалната положба на кадарот, мотор на самиот Универзитет, истакна заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски на денешниот „Отворен ден на УКЛО – образование, наука, економија“.
Во изјава за медиумите, Јанкуловски потсети на директната поддршка на науката, како и активностите во функција на подобар студентски стандард.

– Науката, образованието, бизнис секторот, локалната и централната власт се битни чинители кои можат да придонесат за поквалитетен развој на регионот, но и на цела територија на Македонија. Според податоците на Министерството за образование и наука, за 2026 година се предвидени 773 милиони денари за наука, односно околу 12,6 милиони евра. За научно истражувачките проекти обезбедена е поддршка за 40 проекти на универзитетите, научните институти и МАНУ, односно со поддршка до 8 милиони денари по проект, потоа пет проекти во соработка со бизнис секторот во вредност од 30,4 милиони денари, како и 23,7 милиони денари за осум проекти на јавните научни установи. Овие одобрени проекти се од конкурсите во 2025 година, со реализација и во 2026 година. Сакам да потенцирам дека износот од 773 милиони денари не е наменет исклучиво за научноистражувачки проекти, туку за поширока поддршка на науката, истакна Јанкуловски.
Пред академскиот аудиториум, заменик министерот за финансии потсети на инвестициите за подобрување на студентскиот стандард, за целосна обнова на студентските домови ширум државата, а наскоро ќе се реновира студентскиот дом „Кочо Рацин“ во Битола за што се обезбедени финансиски средства.
Отворениот ден на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола овозможи запознавање со научно истражувачката работа на универзитетите и промоција на можностите за научни студии на нашиот УКЛО, истакна ректорот Игор Неделковски.

– Во моментов отворени се конкурсите за последипломски и докториски студии и затоа на овој настан посочуваме дека на нашиот Универзитет има сериозна и меѓународно верификувана научно истражувачка работа. Современиот развој на науката, технологијата и општеството воопшто покажува дека во светот првиот циклус на студии не е доволен и како во развиените земји потребно е секој млад човек мора да биде повеќе специјализиран со магистратура и докторат. За реализација на нашата мисија, ние освен со средношколците разговараме и со основците бидејќи љубовта кон науката не доаѓа преку ноќ, таа се гради, а еден млад човек најдобро може да се обликува доколку му внесете љубов кон науката и истражувањето кога е во порана возраст, истакна ректорот Неделковски.
Факултетот за биотехнички науки при УКЛО Битола приреди саем на академска понуда, како и реализирани научно истражувачки проекти во функција на локалното стопанство.

