Спортски дух, позитивна енергија и заедништво, беа во фокусот на спортскиот настан „Kamenica Trails 2026“, кој ја промовираше Македонска Каменица и нејзините природни убавини како потенцијална дестинација за планинско трчање и активен туризам.
Градоначалничката на Општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова изрази задоволство од реализацијата на настанот, нагласувајќи дека ваквите спортски манифестации придонесуваат за промоција на општината, нејзините природни потенцијали и можностите за развој на спортот и туризмот.
Таа посочи дека Општина Македонска Каменица, заедно со Рудник САСА, како официјални спонзори, ја поддржале реализацијата на трката.
Стаменкова упати честитки до сите учесници, истакнувајќи дека секој истрчан километар, совладан предизвик и пристигнување на целта заслужуваат почит, независно од постигнатиот резултат. Упати благодарност и до организаторите, волонтерите и сите кои придонеле за организацијата на настанот, како и до граѓаните кои со своето присуство и поддршка создале позитивна атмосфера.
-„Kamenica Trails 2026“ е пример за тоа како заедничката поддршка и ангажманот можат да придонесат за реализација на настани што го поттикнуваат спортот, го афирмираат природното богатство и ја претставуваат Македонска Каменица пред пошироката јавност – истакна Стаменкова.
Таа најави дека и понатаму ќе поддржува иницијативи насочени кон развој на спортот и активниот туризам, како и кон промоција на локалните потенцијали.
-Нашата природа, нашите луѓе, нашата Каменица – порача Стаменкова, заблагодарувајќи им се на сите кои биле дел од спортската приказна.

