Реклама

Знаење со поддршка од технологијата – вештачката интелигенција како нова алатка за македонските наставници

Решение по деценија чекање: Охрид добива современ дом за стари лица во населбата Даљан

Николоски од Прилеп за 11-ти Октомври: Македонскиот народ застана на вистинската страна на историјата, продолжуваат силните инвестиции во инфраструктурата

Мнозинството граѓани задоволни од квалитетот на животот – анкета на Маркет Вижн за Мкд.мк

Мрачна реалност зад туристичкиот сјај – организиран криминал и експлоатација на деца преку питачење

Мицкоски за односите со Бугарија: Се радувам што дијалогот започна, очекувам да продолжи и да дојдеме до решение

Шокантните, искоцкани 1,6 милијарди евра го запалија алармот – мора итно да се спроведат на дело овие правила

Јасен фаворит во политичката трка: ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски со убедлива предност пред опозицијата

Срдечно и конструктивно, но само до тука: Средбата Муцунски- Петрова Чамова не донесе ништо, но добро е што почнува дијалогот

Опасноста од пожари сè уште е тука, апел до земјоделците да не ги палат стрништата

Владината потрошувачка кошница за август за 10.200 денари помала од синдикалната, клучните разлики се во методологијата

Наскоро нова авиолинија Скопје -Подгорица, Николоски договорил Македонија да се поврза и со пристаништето во Бар

Македонија

Дедото имал девет слаткарници во Кавала и Пиреа, тие во Дојран ја имаат својата приказна за маслинката, дојранската риба и слаткото

Семејството Попови од Дојран долги години ги користи придобивките од еколошки чистата…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Семејството Попови од Дојран долги години ги користи придобивките од еколошки чистата средина на дојранското поднебје за да развива сопствено производство од различни локални култури од кои дел и самите ги одгледуваат. 
Во работата се вклучени три генерации на ова семејство, а главниот носител на производството, Бранко Попов, вели дека со посветена целогодишна работа и многу вложен труд успеале со почетни средства од државата да развијат свој бизнис во местото каде што живеат, користејќи исклучиво природни начини на одгледување и обработка, без хемиски препарати.
Започнале со маслинката која како посебен вид на култура што вирее на медитеранскиот простор, успеале максимално да ја искористат за добивање најразлични производи.


– Приказната започна најпрво со маслинките. Имавме посадено свои маслинки многу одамна, слободно можам да кажам пред 35 години. Сам си ги посеав маслинките, така што по некое време почнаа да даваат плод, а јас ќе ги наберев и ги раздавав на сите. Еден извесен период правев така, но потоа една наша пријателка од Стар Дојран ми рече – зошто не почнеш да си пакуваш, можеш и ти да си продаваш како и сите други, па така почнав. Сам си зафаќав дрвца маслинки, тоа се учи, занаетот се краде, па така и мене ме научи еден нашинец од другата страна на границата. Така започна се. Наоѓав рецепти што се може да се направи од маслинката, читав литература за маслинки, и на крајот заедно со мојата сопруга се одлучивме да земеме 240 000 денари од државата за самовработување, раскажува Бранко.
Нивната дејност полека се проширила и на други производи, па се вклучиле и во правење на различни видови на слатко. 
– Почнавме да правиме слатко од смоква и од други намирници. Ние и претходно го правевме слаткото, имавме штанд со слатко од смоква, од портокали, од тиква, значи од локалните земјоделски продукти. Полека дојде ред да почнеме со малку поголемо производство. Ова е семеен бизнис, во него се опфатени мојот татко Ангел, јас и сопругата Тања, дури и нашиот дванаесетгодишен син Ангел, а порано беше вклучена и мојата покојна мајка Тана, вели Бранко.


Тој раскажува дека во работата не се задржале само на земјоделските производи, туку сакале да опфатат се што нуди дојранскиот регион, па идеите ги пренесле и на производство на трајна риба во тегла, наместо во конзерва. 
– Сакав да почнам да правам и риба во конзерва, бидејќи нашата фамилија до 1967 година ја раководеше Фабриката за конзервирана риба во Дојран. Така, мојата тетка и нејзиниот сопруг ми дадоа неколку рецепти за риба, така што сега произведуваме и ние наша конзервирана дојранска риба во тегла. Ја имаме во две варијанти, со маслиново масло, како и со зеленчук и маслиново масло. Тоа е многу атрактивно и многу се бара, па затоа и брзо се продава, раскажува Бранко.
Најдолг стаж во производствената приказна на Бранко има маслинката, за која тој истражувал долго време и собрал интересни податоци.
– Во светот има 187 видови маслинки. Најстарите маслинки во Македонија беа во гевгелиското село Негорци, но не се знае колку беше старо дрвото. Не можам да кажам зошто го нема сега тоа дрво. Порано доаѓаа од посебен институт од Бар, потоа и од Солун, од Пелопонез, да истражат каква е таа сорта на маслинка, но не можеа да утврдат. Таква маслинка има денес во месноста над село Чалакли, валандовско. Имаше и во Конско и во Стојаково, но некои со пожари, а некои од други причини угинаа. Едно од постарите места што има маслинки е манастирот “Св. Спас” во Гевгелија. Своевремено, испитување за маслинарството и мандарините, како и за некои други сорти има направено д-р Томе Ѓурчилов, познат по тоа што ги направил сите диспанзери во Македонија во времето на Југославија и ги донесол првите вакцини против тогашните заразни болести. Тој има донесено маслинки, калинки, смокви, лимони, портокали, мандарини од различни места на светот, и точно знаел што каде може да успева. Во денешно време веќе има поголеми и посериозни одгледувачи на маслинки, вели Попов.

Реклама


Тој настојува секоја година да го проширува производството, но како и сите производители се среќава со проблеми поради климатските промени. И покрај тоа, настојува на еколошки начин да ја одгледува оваа значајна култура од која прави масло, паста од маслинки и многу други продукти.
– Имаме свои маслинки, а откупуваме и од соработници, така што во нашето производство имаме сушена маслинка, биена маслинка, сецкана и повеќе други видови. Пред десет години почнавме да го пакуваме и чајот од лист од маслинка кој е многу корисен, а стана познат и баран и кај нашинците во Америка и Австралија. Производството многу ни зависи од годината, а климатските промени веќе ни создаваат проблеми. Поради тоа покрај новите насади на маслинки, во самите редови ќе имаме и лаванда која штити од маслинов молец. Тоа е голем штетник, распространет е насекаде и одгледувачите на маслинки не можат да се спасат ни со хемиско третирање, а во арапските земји веќе го користат овој начин на заштита со помош на лаванда, вели Попов.
За него одгледувањето на маслинката е цела наука, за кое, како што вели, многумина мислат дека лесно се прави.
– Маслинката сака многу внимание и гледање. Ако се испушти еден момент од фазата на раст, не можеш да очекуваш приходи. Дали ќе биде тоа времето на запрашување или времето на врнежите, или пак времето кога треба да се полева со вода – значи на се треба да се внимава, за да не се промаши периодот кога тоа треба да се направи. Многумина велат дека маслинката е лесна за одгледување, ќе ја садиш и после береш. Но не е точно. Треба да знаеш како да ја режиш, треба да знаеш кое време цвета, треба да знаеш што треба да се запраши, какви други сорти маслинки да ставиш помеѓу нив за да може побрзо и подобро да се запраши. Се тоа е една цела наука, смета Бранко.


Производството на различни видови на слатка, пак, е специјалност на неговата вредна сопруга Тања, која постојано нуди свои иновативни рецепти.
– Во насадените култури исто така имаме и домати. Кога Бранко ја донесе првата гајбичка дома од бербата на домати, ми дојде замисла да направам слатко од нив. Следно направив мармалад од домати, портокал, мандарина, лимон и мед. Деновиве измислив најнов рецепт – слатко од лук. Тоа ќе биде многу полезно за луѓе што имаат разни болести, а пред се за кардиоваскуларните заболувања. Паралелно со него, пробав уште еден нов рецепт, кој исто така е моја идеја, а тоа е слатко од зелена боранија. Се надевам дека добро ќе се пласира, вели Тања.
Таа, како и својот сопруг, ги носи фамилијарните гени за изработка на вакви производи, поради што и се одлучила да се посвети на домашното производство.
– Мојот дедо бил многу познат слаткар, самиот си ги создавал рецептите, а имал девет слаткарници во Кавала и во Пиреа, па најверојатно од него сум ја наследила љубовта кон правењето на слатко. Едноставно се што правиме и произведуваме, ние како семејство го работиме со многу љубов, вели Тања.


Како локални производители, велат Попови, својот асортиман го пласираат на различни начини. Производите им ги купуваат нашинците кога доаѓаат од европските земји, како и од Америка и Австралија, или пак самите ги праќаат по карго, а во текот на туристичката сезона нивни купувачи се домашните и странските туристи.
Полни раце работа семејството Попови има преку целата година, но не се жали.
– Освен што произведуваме индустриски домати за слатко, салца, кечап, одгледуваме и наша црвена пиперка. На тој начин во текот на целата година сме ангажирани. Кога ќе заврши обработката на пиперките и доматите, имаме маслинки, по неа следна е дојранската белвица. Потоа следи производството на слатко од тиква, па слатко од зимска лубеница, од портокал, од мандарини. По нив повторно доаѓа на ред обработката на белвица или црвеноперка. Продолжуваме со зелената смоква од која исто така правиме слатко. Преку цела година ние не сме слободни ниту еден миг. Но работата ни прави големо задоволство и се повеќе се чувствувам силен да го завршам и денешниот и утрешниот ден, вели Бранко и со својот ангажман како долгогодишен локален производител се издвојува како инспиративен пример од малото, но не помалку значајно туристичко место Дојран.