Потпретседателката на Собранието и функционерка на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Весна Бендевска одржа трибина во Делчево каде што го презентираше партискиот отчет под наслов „Две години работа, две години резултати — Една љубов за Македонија“.
Бендевска истакна дека за Движењето ЗНАМ отчетноста не е формалност ниту еднократна промоција, туку основен принцип на дејствување уште од првиот ден на нивното формирање.
– За Движењето ЗНАМ мандатите и функциите не се привилегија, туку одговорност пред граѓаните. Затоа сме можеби првата партија што отчетот за своето работење во рок од двегодишен период, односно на средина од мандатот, го презентира директно пред своите членови и граѓаните, рече Бендевска.
Таа нагласи дека се подготвени секој викенд да го поминат во различен град низ државата за отворено да разговараат со граѓаните, да ги слушнат нивните предлози, но и критики.
Одговарајќи на прашање за работата на партијата во Делчево, Бендевска посочи дека фактот што општинската организација успеала за брзо време да избори советнички мандат во Општина Делчево покажува дека се на вистинскиот пат.
– Движењето ЗНАМ се појави во момент кога постоеше празен политички простор помеѓу двата големи политички блокови. Се појавивме со голема енергија и ѕвезда водилка — да покажеме дека може да се раководи поинаку и дека државничкиот и граѓанскиот интерес мора да се стават над личниот и партискиот интерес, додаде Бендевска.
Презентацијата на отчетот во Делчево е дел од теренските активности на Движењето ЗНАМ за средби со граѓаните низ Македонија.

