Треба да се слушне гласот на безгласните, бидејќи тие се личности кои заслужуваат почит, разбирање и поддршка. Секој човек заслужува да биде слушнат, виден, разбран, вреднуван и почитуван и да добие соодветна помош кога му е потребна, порачува Универзитетската клиника за психијатрија по повод Светскиот ден на менталното здравје – 10 Октомври, кој годинава се одбележува под мотото „Лични искуства: вистински гласови, вистински промени“.
„Не сме помалку вредни“ – гласот на пациентите во центарот на Светскиот ден на менталното здравје; Би сакал/а општеството и блиските да разберат дека…; „Проблемите со менталното здравје се еднакво исти како и сите други здравствени проблеми“; „Тешко е да се живее со депресија“; „Да ме сфатат другите“ … се дел од анонимизирани пораки на пациенти во Клиниката кои биле замолени да ги опишат нивните чувства, нивната борба и нивните желби.
-Целта е нивниот глас да стигне до јавноста, да поттикне поголемо разбирање и да покаже дека зад секоја дијагноза стои човек со сопствена приказна, потреби и надежи, наведува ЈЗУ Универзитетската клиника за психијатрија,
Клиниката соопшти дека целта на кампањата, која ќе јапродолжи и во наредниот период, е да ја истакне потребата на луѓето кои живеат или живееле со ментални потешкотии да не бидат само слушнати, туку нивните искуства да бидат препознати како важен облик на знаење и искуство.
-Во време кога депресијата, анксиозноста и останатите ментални потешкотии се во пораст, сметаме дека од исклучителна важност е да се разбие стигмата и да се испрати пораката дека барањето помош не е слабост, нагласуваат од Клиниката.

Директорката на Психијатрија, д-р Славица Арсова, вели дека многу често самите пациенти кои имаат потреба од психијатриско психолошка помош, може да бидат од помош не само за себе, туку и за останатите.
-На тој начин се праќа порака дека не си сам и не си единствен. Многу често луѓето кои страдаат од каква било мака, без разлика дали е телесна или психолошка, првото чувство што го имаат е страв и прашањето дали само мене ми се случува ова, дали сум единствен на светот кој има вакви потешкотии? Поради тоа, многу е важно да се слушне некој кој поминал низ истото или има слична животна патека, вели Арсова.
Таа додава дека нивната цел како здравствени работници е да не ги стигматизираат луѓето и да им создаваат чувство дека тие се различни од другите.
-Сите ние сме различни и во однос на нашите карактеристики и во однос на нашата психолошка состојба, но тоа не нѐ прави помалку вредни во однос на останатите. Секој човек во текот на својот живот може да дојде во ситуација да побара помош, затоа што едноставно не можеме сами да се справиме со сите работи. И тоа не е срам, туку напротив, претставува големина и зрелост, истакнув директорката на Клиниката за психијатрија.
Токму затоа, додаваат од Клиниката, на овој ден испраќаме порака дека треба да се слушне гласот на безгласните.
-Бидејќи тие се личности кои заслужуваат почит, разбирање и поддршка. Секој човек заслужува да биде слушнат, виден, разбран, вреднуван и почитуван и да добие соодветна помош кога му е потребна, се вели во пораката.

