Со потпишување заедничката изјава, министрите за култура на Македонија, Грција и на Албанија, на денешната трилатерална средба во Грција, ја потврдија заедничката заложба за заштита и афирмација на природното и културното наследство на Преспанскиот Регион, како и за заедничка подготовка на неговата номинација за листата на светското наследство на УНЕСКО.
Како што соопшти Министерството за култура и туризам, изјавата ја потпишаа министерот за култура и туризам – Седат Сулејмани, министерката за култура на Грција – Лина Мендони, и министерот за туризам, култура и спорт на Албанија – Бленди Гонџја.
На средбата присуствуваа и Михалис Рокас – амбасадор и шеф на Делегацијата на ЕУ во земјата, Синиша Шешум – раководител на канцеларијата на УНЕСКО во Сараево при Регионалното биро на УНЕСКО во Венеција, постојаната координаторка на Обединетите нации во државава – Рита Колумбија, како и претставници на локалните самоуправи и институциите од трите земји.
Во своето обраќање министерот Сулејмани истакна дека заедничката номинација за УНЕСКО е следен суштински чекор во соработката меѓу трите земји нагласувајќи дека целта не е само меѓународно признание, туку долгорочно и одржливо управување со регионот, со конкретни придобивки за локалните заедници.
– Преспа, природно и историски, отсекогаш била една целина, иако нејзините брегови ги делат три соседни држави. Токму во таа сложена убавина лежи и нашата одговорност: да ја претвориме во причина за континуирана, добро координирана и резултатски ориентирана соработка – порача Сулејмани.
Тој посочи дека трите земји веќе имаат добра основа за продлабочување на соработката потсетувајќи на реализираните активности и проекти во кои учествувале институции и експерти од Македонија, од Грција и од Албанија. Како значајни примери ги истакна соработката со Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Грција, во чии рамки се реализира конзервацијата на живописот во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, активностите со албанските институции на островот Мал Град, како и проектот ACT4PRESPA, поддржан од Европската Унија.
– Овие искуства покажуваат дека соработката постои, но и дека можеме да ја зголемиме – истакна Сулејмани додавајќи дека токму преку заедничкото знаење, добрата волја и заедничкиот интерес Преспа може да прерасне во пример за успешна прекугранична соработка и заедничка заштита на наследството.
– Преспа заслужува да биде простор каде што разликите се почитуваат, а заедничките вредности се негуваат. Кога ги спојуваме знаењето, добрата волја и заедничкиот интерес за овој регион, ние не градиме само проекти – градиме трајна и зрела соработка меѓу нашите три земји – рече Сулејмани.

