Градската библиотека „Гоце Делчев“ од Гевгелија, во рамки на детската недела, денеска со почеток во 15.30 часот ќе одржи промоција на две сликовници од македонската поетеса, есеистка и книжевен критичар д-р Марина Мијаковска. Промоцијата ќе се одвива во малата сала на Народниот театар, а во неа ќе учествуваат наставници и ученици од општинското основно училиште “Владо Кантарџиев”.
Во соопштението од Библиотеката стои дека „Кошница со калинки“ е инвентивна, едукативна сликовница наменета за децата од предучилишна и од рана училишна возраст.
– Во приказната Мијаковска ги едуцира децата на сликовит начин да дознаат каде, кога и како расте, цути и созрева калинката, каква боја има цутот, а каква плодот, што содржи и зошто е здраво да се јадат калинки. Книгата ја развива љубопитноста кај децата и говорните вештини преку ликот на девојчето со име Калина која набљудувајќи го дрвото со калинки во бабината градина, учи за нив и го пренесува знаењето на својата другарка Лина. Тајната на Калина се крие во благословот на кошницата со собраните калинки – е наведено во најавата за настанот.

„Штркот Гвин“ е нова книга за деца што низ авантурите на истоимениот протагонист носи приказна инспирирана од Скопје, неговото културно наследство и чувството на припадност.
Сликовницата е наменета за деца од училишна возраст, но е замислена и како четиво што може да го привлече вниманието и на повозрасната публика. Во неа се испреплетуваат раскажување, дидактичка порака и едукативни содржини, со фокус на природата, градот и културните вредности.
Во книгата посебно место имаат Скопското Кале, Старата скопска чаршија, Камениот мост и плоштадот, како дел од обидот низ детска приказна да се афирмира културното наследство на градот. Пораката што ја носи сликовницата е дека домот не е само место, туку чувство на припадност, блискост и љубов, се наведува во објавата на гевгелиската библиотека.

