Над 80 отсто од случаите на слепило и оштетување на видот можат да се спречат или ефикасно да се третираат. Превенцијата, навремената дијагноза и достапниот третман мора да бидат приоритет – се вели во соопштението на Сојузот на здруженија на лица со дијабетес на Македонија – СЗДСМ.
Денес го одбележуваме Светскиот ден на видот, глобална иницијатива посветена на подигање на свеста за слепилото и оштетувањето на видот, превенцијата и унапредувањето на здравјето на очите.
Сојузот на здруженија на лица со дијабетес на Македонија – СЗДСМ се приклучува кон оваа иницијатива со јасна порака: видот е прозорец кон светот и квалитетот на животот и не смееме да дозволиме состојбите што можат да се спречат или лекуваат да завршат со трајно губење на видот.
Дијабетесот и здравјето на очите
Дијабетесот може да доведе до сериозни компликации на очите, меѓу кои и дијабетична ретинопатија и дијабетичен макуларен едем, состојби кои можат значително да го нарушат видот.
Дијабетичната ретинопатија настанува како последица на оштетување на крвните садови во мрежницата. Во одредени случаи може да дојде до истекување течност и појава на оток во макулата, што може да резултира со нарушување и губење на централниот вид.
Покрај овие состојби, значаен товар за здравствениот систем и пациентите претставуваат и влажната дегенерација на макулата и оклузијата на ретиналните вени, кои исто така можат да доведат до сериозно оштетување на видот.
Овие состојби не се ретки и претставуваат значаен јавно-здравствен предизвик.
Голем јаз меѓу дијагнозата и лекувањето
Регионалните податоци за шест земји од Централна и Источна Европа – Бугарија, Унгарија, Литванија, Северна Македонија, Полска и Романија – укажуваат на сериозен јаз во дијагностицирањето и лекувањето на дијабетичниот макуларен едем, влажната дегенерација на макулата и оклузијата на ретиналните вени.
Според достапните податоци, во овие земји само околу 25% од пациентите со овие состојби се дијагностицирани, а помалку од 15% се лекуваат.
За Северна Македонија, податоците укажуваат на особено низок опфат: околу 13% од пациентите се дијагностицирани, додека околу 20% од дијагностицираните добиваат третман.
Овие податоци укажуваат на потребата од подобро организиран систем за рано откривање, упатување, дијагностика и навремено лекување, особено надвор од Скопје.
Губењето на видот е и здравствен и социјално-економски проблем
Последиците од доцната дијагноза и недостапниот или прекинат третман не се ограничуваат само на здравјето на пациентот.
Губењето на видот може да доведе до намалена самостојност, зависност од семејството, ограничена мобилност, намалена работоспособност и потреба од долгорочна социјална поддршка.
На глобално ниво, оштетувањето на видот создава значителен товар за здравствените и социјалните системи, како и за продуктивноста. Според податоци од истражувања објавени во The Lancet, загубите во продуктивноста поврзани со оштетување на видот се проценуваат на стотици милијарди евра годишно.
Според податоците на WiFOR, социоекономскиот товар поврзан со влажната макуларна дегенерација и дијабетичниот макуларен едем во Северна Македонија во 2024 година се проценува на приближно 13 милиони долари, со проекција за значително зголемување во наредните години.
СЗДСМ бара конкретни промени
Сојузот на здруженија на лица со дијабетес на Македонија – СЗДСМ, како организација која активно застапува подобар пристап до современа здравствена заштита за лицата со дијабетес, укажува дека состојбата со здравјето на очите мора да биде дел од пошироките здравствени политики.
СЗДСМ е меѓу учесниците во развојот на регионалниот White Paper, подготвен во соработка со организации и чинители од повеќе европски земји, кој повикува на конкретни реформи во грижата за пациентите со заболувања на мрежницата.
Во таа насока, потребни се: унифицирани национални и регионални упатства и стандарди за третман; поголема информираност и едукација на пациентите и здравствените работници; систематски пристап кон навремено дијагностицирање и скрининг; инвестирање во современа дијагностичка и медицинска инфраструктура и современи системи за следење на гликемија; подобрен пристап до иновативни терапии и континуитет на лекувањето; систематско следење на пациентите по третманот и обезбедување соодветна рехабилитација.
СЗДСМ посебно укажува на следните предизвици: недостаток на доволно развиени здравствени политики фокусирани на превенција, рана дијагноза и рехабилитација на заболувањата на видот; опфатот на лицата со Дијабетес Тип 1 со современи дигитални системи за континуирано следење на гликозата е сè уште многу низок, иако овие технологии претставуваат една од клучните алатки за подобра гликорегулација и превенција од сериозни компликации, вклучително и дијабетичната ретинопатија.
Ниска информираност за заболувањата на мрежницата и нивните последици;
ограничен пристап до навремена дијагностика, особено за пациентите кои живеат надвор од Скопје; ограничен и нерамномерен пристап до современа терапија;
ризик од прекини во континуитетот на лекувањето; намалување на квалитетот на животот кај лицата со оштетен вид; недоволна системска поддршка за лицата со сериозно оштетување на видот, особено за оние кои живеат сами.
Затоа, СЗДСМ апелира до здравствените власти и сите релевантни институции да ги постават следните приоритети:
1. Здравјето на очите да биде повисоко на агендата на здравствените политики
Потребен е системски пристап кон превенцијата, раното откривање, лекувањето и рехабилитацијата на заболувањата на видот.
2. Навремена дијагноза на заболувањата на мрежницата
Да се воспостават ефикасни механизми за рано откривање и упатување на пациентите кон соодветен специјалист.
3. Дијагностиката да биде достапна поблиску до местото на живеење
Пациентите надвор од Скопје не смеат да бидат ставени во нерамноправна положба поради географската оддалеченост од специјализирани центри.
4. CGM системи (сензори), достапни за сите лица со ДМ Тип 1!
5. Стандардизирана грижа согласно современите медицински упатства
Потребно е обезбедување на еднакви стандарди на дијагностика и лекување за пациентите во целата држава.
6. Пристап до иновативна терапија и континуитет на лекувањето
Современите терапии, вклучително и анти-VEGF терапијата, овозможуваат лекување на состојби кои во минатото многу почесто доведувале до сериозно губење на видот.
Затоа, пристапот до соодветна терапија не смее да зависи од местото на живеење, финансиските можности или административните бариери.
7. Целосен третман и рехабилитација
Грижата за пациентот не завршува со медицинската интервенција. Потребни се континуирано следење, поддршка и соодветна рехабилитација за зачувување на самостојноста и квалитетот на животот.
Ниту еден пациент не смее да го изгуби видот затоа што доцна бил дијагностициран, затоа што живее надвор од Скопје или затоа што немал навремен пристап до соодветна терапија.
Здравјето на очите мора да биде здравствен приоритет.
Видот е прозорец кон светот и убавината на животот. Да не дозволиме болеста, доцната дијагноза или системските бариери да ни го одземат тоа.
СЗДСМ – за навремена дијагноза, достапен третман и еднаква грижа за секој пациент.

