Македонија ги исполнува обврските што произлегуваат од членството во НАТО, а до 2030 година се очекува одбранбениот буџет да достигне пет проценти од БДП, истакнал претседателот на собраниската Комисија за одбрана и безбедност, Павле Арсоски, на средба со делегација од Кралството Холандија.
Како соопшти собраниската прес служба, на средбата со регионалниот координатор за безбедност во холандското Министерство за надворешни работи Нона Де Јанг, одбранбеното аташе Јурген Флајшман и политичкиот службеник за безбедност и стабилност Зоран Дранговски, биле разменети мислења за актуелните безбедносни предизвици во регионот, улогата на НАТО во одржувањето на мирот и безбедноста и политичката стабилност на Западен Балкан.
Арсоски ги запознал соговорниците со работата на Комисијата за одбрана и безбедност, нагласувајќи ја соработката со Владата, ресорните министерства и другите институции од безбедносниот сектор, како и постигнатиот политички консензус меѓу парламентарните партии за прашањата од областа на одбраната и безбедноста.
Во разговорот било истакнато значењето на исполнувањето на НАТО-стандардите, модернизацијата и опремувањето на Армијата, како и зголемувањето на одбранбените инвестиции. Арсоски го поздравил и процесот „ReArm Europe“, оценувајќи дека тој отвора дополнителни можности за развој на европската и домашната одбранбена индустрија.
Соговорниците разговарале и за важноста на добрососедските односи и регионалната соработка во областа на одбраната и безбедноста како предуслов за зајакнување на довербата и стабилноста на Западен Балкан.
Од страна на холандската делегација било поздравено активното учество на Северна Македонија во НАТО и меѓународните мировни мисии, како и нејзината посветеност на исполнување на обврските што произлегуваат од членството во Алијансата.

