Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со заменик-министерката за прашања на Европската Унија на Кралството Холандија, Хелен Бакер. Во фокусот на разговорите беа процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, спроведувањето на реформите и можностите за продлабочување на билатералната соработка, соопштија попладнево од Кабинетот на министерот за европски прашања.

Сали изразил благодарност за континуираната поддршка од Холандија за европската перспектива на земјата и за придонесот во зајакнувањето на владеењето на правото, демократските институции и административните капацитети. Тој ја нагласил важноста на соработката преку холандската програма за општествена трансформација – МАТРА, особено во областа на владеењето на правото, како и на размената на експертиза меѓу институциите.
Министерот истакнал дека пристапниот процес треба да биде праведен, предвидлив и заснован на заслуги, со јасни критериуми што ги вреднуваат реформите и конкретните резултати.

– На средбата, Сали го претстави напредокот во спроведувањето на реформската агенда и приоритетите од Планот за раст за Западен Балкан. Тој нагласи дека постепената интеграција треба да донесе видливи придобивки за граѓаните и стопанството и да поттикне забрзување на реформите кон полноправно членство – се додава во соопштението.
Биле разгледани и можности за натамошна соработка во зајакнувањето на институциите, размената на искуства и развојот на заеднички проекти.

