Во општина Велес деновиве се реализираат обуки од мерката од Оперативниот план за вработување за 2026 година – „Поддршка за самовработување – претприемништво“, која Агенцијата за иновации, научнотехнолошки развој и претприемаштво – ИНОВА ја спроведува во соработка со Агенцијата за вработување. Пред присутните кои се дел од обуката денес се обратија заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, директорката на Агенцијата за иновации, научнотехнолошки развој и претприемаштво – ИНОВА Даниела Димовска, заменик-директорката на Агенцијата за вработување Весна Пешова, и градоначалникот на општина Велес Марко Колев.
– Годинава имаше исклучително голем интерес за мерката за самовработување за која околу 5.500 лица аплицираа за добивање на грант од 7.000 до 10.000 евра по лице, или со здружување на две лица во ДОО од 14.000 до 20.000 евра. Овие четиридневни обуки се задолжителни за сите кои ја поминаа првата селекција и со истата учесниците ќе добијат посеопфатна подготовка и практични знаења за започнување и развој на сопствен бизнис – кажа заменик-министерот Ристески.
На учесниците на обуките им посака многу успех, потенцирајќи дека Владата и Министерството за економија и труд се нивен партнер во овој процес и дека и во иднина ќе имаат поддршка во растот и развојот на нивните бизниси кои треба да придонесат за отворање на нови работни места и развој на домашната економија.

Директорката на ИНОВА Димовска порача дека поддршката не завршува со отворањето на фирмата, туку дека таа ќе продолжи и во наредниот период.
– Нашата помош за вас продолжува и понатаму преку менторска поддршка од искусни ментори на ИНОВА, со цел новите бизниси да се одржат, развиваат и растат. Затоа, нашата порака до вас е да го искористите овој процес максимално – да бидете активни, да поставувате прашања, да ги развивате своите идеи и внимателно да ги преточите во реални и одржливи бизнис планови. Претприемништвото не е само можност за самовработување, тоа е можност за економска независност, личен развој, создавање нови работни места и придонес кон развојот на локалната економија – кажа директорката Димовска.
Со обуките кои се реализираат во повеќе општини годинава ќе бидат опфатени над 3.000 лица, а предвидено е да се изработат 2.628 бизнис планови. Оваа година новитет во однос на претходните години е што обуките од два се зголемени на четири дена, со цел учесниците да добијат повеќе време за стекнување практични знаења, развивање на своите идеи и подготовка на квалитетни бизнис планови.

