Судскиот совет на редовна седница изгласа нов Деловник за работа усогласен со новиот Закон за Судскиот совет, документ кој ќе овозможи поголема транспарентност, поголема отчетност и јасни рокови за запазување постапки.
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, соопшти дека новиот текст на Деловникот има зголемен број на области кои досега не биле опфатени или не биле доволно уредени.

-Новините се во три главни насоки, односно поголема транспарентност, поголема отчетност и јасни рокови за запазување постапки. Новина се начинот на разрешување претседател и заменик претседател на совет, санкции за членови на советот, претставки и поплаки на граѓани, преглед на постапки против судии, избор на судии и претседатели на судови со нов начин на гласање, одговорност на судиите… Дефинирана е обврска за навремено завршување на задачите на членовите на Судскиот совет, изземање во случај на судир на интереси, санкции вклучувајќи и намалување на платата од 15 до 30 отсто во траење од шест месеци, истакна Камбовски.
Согласно новиот Деловник за работа, Судскиот совет во иднина ќе води детална евиденција за секоја постапка против судија или член на совет, до каде стигнала и како завршила таа постапка.
-Податоците ќе влегуваат во годишниот извештај, и јавноста ќе знае какви постапки имал Судскиот совет во тек на една година и како истите завршиле. За прв пат ќе бидат утврдени начела за соработка, начин на работа кој се однесува на независноста, транспарентноста, отчетноста, а уредена е и соработката на Судскиот Совет со домашните и меѓународните организации, нагласи Камбовски.
Членовите на Судскиот совет денеска расправаа и по информацијата за состојбите во Основниот суд во Куманово, релациите меѓу тамошната претседателка на судот и судскиот администратор, како и нарушените меѓучовечки односи во Основниот суд Куманово.

Членот на советот, Сузана Јошевска Анастасовска информира дека претставката била поднесена од вработени во Основен суд Куманово со основен наод дека работната атмосфера е нарушена од начинот на раководење од страна на претседателката на Судот. Вработените сметаат дека претседателката не ги почитува Законот за судска служба и Судскиот деловник, и го заобиколува судскиот администратор, има поплаки за мешање на претседателката во креирање на планот за користење годишни одмори, врши надзор, контрола и психолошки притисок врз вработените и други проблеми од кои вработените чувствуваат страв и се под притисок.
Членовите на Судскиот совет заклучија дека е основана претставката од 75 лично потпишани вработени во Основниот суд Куманово и тоа е сигнал кој треба да се испита, беше посочено на денешната седница, на која членовите на Судскиот совет разрешија судии поротници и избраа нови судии поротиници во Основен суд Неготино, а донесоа и други одлуки од надлежност на Судскиот совет.

