Во Куманово денеска се одржа конференција во рамки на проектот „Премостување на границите – Заедно за утре“ (BBTT), посветен на унапредување на социјалните услуги и подобрување на квалитетот на живот на ранливите групи во пограничниот регион на Северна Македонија и Србија. Проектот се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија преку Програмата за прекугранична соработка помеѓу двете соседни држави и инструментот ИПА III. Носител е Едукативниот центар од Лесковац, а партнери се Општина Куманово, ЈОУ Дом за стари лица „Зафир Сајто“, ЗРЦЛИП „Порака наша“ од Куманово и Центарот за развој на локални социјални услуги од Врање.

Директорот на Домот за стари лица „Зафир Сајто“, Александар Крстевски, изјави дека за установата проектот носи значајни инвестиции во подобрување на условите и услугите за корисниците.
-Домот „Зафир Сајто“ ќе добие целосна реконструкција на геријатриското одделение, како и опремување на одделението. Предвидена е и набавка на компјутери, лаптопи и таблети, кои ќе ги користат и корисниците и вработените, со што ќе се унапреди дигиталната технологија во домот. Најважно е што нашите корисници ќе добијат поквалитетна услуга, што е еден од нашите приоритети. Благодарни сме на партнерите, бидејќи без заедничкиот проект ваквите активности би биле многу потешко остварливи- рече Крстевски.

Проектниот менаџер Игор Стајиќ од Едукативниот центар од Лесковац информираше дека вкупната вредност на проектот е 402.633 евра, од кои 85 проценти се обезбедени од Европската Унија. Ваквите проекти поддржани од ЕУ, овозможуваат поврзување на луѓето, установите и заедниците околу заеднички вредности. Во рамки на проектот, како што изјави Драган Јаниќ, директор на јавната установа за развој на социјални услуги во Врање е предвидена реконструкција и адаптација на објекти за унапредување на социјалните услуги, додека во Куманово главниот фокус е на реконструкцијата и опремувањето на геријатриското одделение во „Зафир Сајто“.

Претставничката на „Порака наша“, Јелена Стаменковиќ, посочи дека активностите на организацијата се насочени кон потребите на корисниците, особено маргинализираните групи.
-Ќе работиме на унапредување на дигиталната писменост, особено кај маргинализираните групи. Предвидени се и три сертифицирани обуки за 45 стручни лица од различни институции и организации од Куманово и Србија-рече Стаменковиќ.

Таа најави и работилници за здравствена едукација на стари лица, лица со попреченост и членови на нивните семејства, со теми поврзани со здравото стареење и менталното здравје. Учесниците ќе соработуваат, ќе разменуваат идеи. Во рамки на проектот ќе се воведат програми за културна, дигитална дравствена инклузија преку која корисниците од ранливи категории ќе добијат поддршка за арт-терапија, дигитална писменост и здраво стареење.

Реализацијата на проектот започна во јули 2026 година и ќе трае 24 месеци. Целта е преку подобар пристап до социјални, здравствени и културни услуги да се унапреди социјалната благосостојба на ранливите групи во пограничниот регион.

