Со вкупна инвестиција од 14 милиони денари Министерството за образование и наука ги реконструира спортските сали во основните училишта „Страшо Пинџур“ во Карбинци и „Димитар Влахов“ во Штип, со што значително се подобрија условите за настава по предметот физичко образование и за спортување на децата што учат и живеат во околината на овие две училишта.
Реновираните спортски сали денес ги посети министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, која информира дека активностите ги спроведе Министерството за образование и наука во соработка со општините, а во рамките на проект поддржан од Европската Унија и Банката за развој на Советот на Европа, преку кој се обновуваат 30 училишни спортски сали на територијата на Македонија во вкупна вредност од речиси 200 милиони денари.
– Благодарна сум за поддршката од партнерите на земјата и среќна сум што постојано ја подобруваме инфраструктурата затоа што е еден од основните услови за да имаме квалитетно образование, покрај учебниците, наставните програми и мотивираните наставници. Ќе потсетам дека досега актуелната Влада во мандат од две години реализира 90 проекти за изградба на нови училишта и спортски сали и за реконструкции на постојни објекти, вклучително и два студентски дома. Продолжуваме со заложбите и во периодот што следува затоа што секое дете заслужува еднаков пристап до квалитетни услови за образование – рече Јаневска.
За обнова на спортската сала во ОУ „Страшо Пинџур“ во Карбинци вложени се речиси 4,2 милиони денари, а во спортската сала во склоп н „ОУ Димитар Влахов“ во Штип инвестирани се 10 милиони денари.

