Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерки за претпазливост против П. В., виш јавен обвинител од Битола, по сослушувањето на осомничениот во присуство на неговиот бранител, како и по ценење на фактите и доказите содржани во предлогот, донесе решение со кое го прифати предлогот на ОЈО ГОКК.
Од Кривичен информираат дека против П. В., кој се сомничи за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание од член 359 став 3 во врска со став 2 од Кривичниот законик, со оглед на фактот дека судот не може да му определи построга мерка од мерката предложена од јавниот обвинител, му се се определуваат мерки на претпазливост – одземање на патната исправа и забрана за преземање определени работни активности.
Против ова решение странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје.
Според соопштението што порано денеска го сподели Обвинителството, преку повеќе дејства и примена на посебни истражни мерки обезбедени се докази кои упатуваат на основано сомнение дека тој ги искористил своето реално влијание и службената положба што ја извршувал за недозволено да влијае врз одлучувањето на колеги јавни обвинители и судии во најмалку четири одделни предмети на подрачјето на кое ја вршел својата функција.
Од МВР претходно информираа дека Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР до ОЈО за ГОКК поднело кривична пријава против П В. (61) од Прилеп поради постоење основано сомневање дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание од чл. 359 ст. 3 во врска со ст. 2 од Кривичниот законик.
– П. В. во функција на виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Битола во повеќе наврати влијаел при донесувањето на одлуките од страна на други јавни обвинители со цел изрекување поблаги казни за сторителите – информираат од МВР.
Со цел прибирање дополнителни докази и пронаоѓање предмети, извршен бил претрес во неговиот дом во Прилеп, како и во службените простории што ги користи, при што, како што информираат од МВР, се пронајдени и одземени шест мобилни телефонски апарати, едно УСБ и еден персонален компјутер

