Триесет основни и 15 средни училишта во државата ќе добијат средства од Министертството за образование и наука во износ од 60.000 денари за да реализираат активности од програмите за заштита од насилство, злоупотреба и запуштање ученици, програми за спречување дискриминација и програма за превенција од употреба на алкохол, пушење, учество во игри на среќа, злоупотреба на дроги и други психотропни супстанции и малолетничка деликвенција во учебната 2026/2027.
МОН ги објави повиците за основните и за средните училишта за доделување средства и секое заинтересирано училиште треба да аплицира најдоцна до 15 декември 2026, да достави електронска пријава на порталот: http://e-uslugi.mon.gov.mk
Селекцијата со рангирање на пристигнатите апликации, во согласност со одредените критериуми, ќе ја прави комисија за вреднување, формирана од министерката за образование и наука.
Во рок од 30 дена од денот на завршувањето на јавните повици комисијата за вреднување на веб-страницата на МОН ќе објави списоци на основни и на средни училишта што ќе добијат средства.
Јавните повици содржат информации како треба да се пријават училиштата и насоки за целите на програмата што треба да ги постигнат, а кои треба да бидат конкретни, мерливи, остварливи, реални и временски ограничени.
Училиштата што ќе добијат по 60.000 денари од МОН, како што е наведено во јавните повици, должни се да достават извештај до Министерството за образование и наука за наменско искористување на одобрените средства во рок од 30 дена од денот за завршување на активностите од програмите за заштита од насилство, злоупотреба и запуштање ученици, програми за спречување дискриминација и програма за превенција од употреба на алкохол, пушење, учество во игри на среќа, злоупотреба на дроги и други психотропни супстанции и малолетничка деликвенција.

