Меѓународната изложба „Експо 2027“ во Белград ќе биде можност за Македонија да го искористи зголеменото меѓународно внимание кон регионот, особено во туризмот, економијата и промоцијата на земјата, вели директорот на компанијата „Експо 2027 Белград“, Данило Јериниќ пред неговата посета на Скопје.
Белград в година ќе биде домаќин на повеќе од 130 земји, а организаторите очекуваат повеќе од четири милиони посетители, од кои речиси 1,2 милион странски гости.
Јериниќ посочува дека една од целите е посетителите што ќе дојдат во Белград да го запознаат и поширокиот регион.
– За некој што доаѓа од Азија, Америка или Африка, Белград може да биде првата точка на контакт со овој дел од Европа, но и почетна точка за запознавање други дестинации во регионот. Овде гледам многу конкретна можност за Македонија, пред сè во туризмот, економските можности и меѓународната видливост – истакнува Јериниќ.
Во однос на темата на саемот „Играј за човештвото – спорт и музика за сите“ вели дека спортот и музиката во нашиот регион традиционално ја поврзуваат публиката преку државните граници, а токму оваа моќ на поврзување ја препознава и темата на „Експо“. За време на 93 дена, колку што ќе трае оваа манифестација, директорот на „Експо“ најави повеќе од 8.000 програмски содржини од областа на музиката, спортот, културата, како и средби и програми што ќе ги поврзат луѓето од разни земји.
– Во текот на 93 дена „Експо“ ќе биде место за средба на компании, институции, инвеститори и деловни делегации од разни делови на светот. Токму затоа бизнис-програмата е осмислена како многу специфична платформа во рамките на која ќе се одржат 6 тематски бизнис-форуми, повеќе од 250 билатерални деловни настани и десетици илјади планирани деловни состаноци – истакнува Јериниќ.
Тој зборува и за волонтерската програма за која вели дека е отворена за целиот свет. Досега аплицирале повеќе од 15.000 кандидати од повеќе од 140 земји, а од нашата држава се пријавиле 833 кандидати, што за Јериниќ претставува јасен знак дека не само што се препознава меѓународното значење на „Eкспо“, туку и дека в година „тоа ќе биде најголемата училница“.
Според подготвената студија за ефектите од „Експо 2027“, се проценува дека проектот би можел да генерира 9,07 милијарди евра нова вредност за српската економија до 2037 година, мерено според бруто-додадената вредност.
Јериниќ смета дека „Експо“ може да биде почетна точка за патување во регионот, што отвора простор и за нашата држава и нејзиниот туристички сектор – хотели, ресторани, туристички агенции, превозници, локални дестинации и културни објекти.
– Затоа мислам дека треба да го искористиме меѓународното внимание што ќе го донесе „Експо“ и заедно да покажеме што може да понуди овој регион. Колку повеќе гости по Белград одат во Скопје, Охрид или некоја друга дестинација во близина, ефектот од „Експо“ за целиот регион ќе биде поголем – вели директорот на оваа белградска изложба.
Според него, „Експо 2027“ е место за средби и поврзување. – Би сакал 2027 година да ја искористиме за да му покажеме на светот модерен и поврзан регион и меѓународното внимание што ќе го добие Белград да го претвориме во можност за целиот Западен Балкан – истакнува директорот Данило Јериниќ.

Господине Јериниќ, „Експо 2027“ е првата меѓународна изложба од ваков размер што се одржува во Западен Балкан. Со оглед на тоа што Белград ќе биде домаќин на повеќе од 130 земји, се чини дека ова е можност да се надмине рамката на еден град и една држава. Колку „Експо“ може да биде и регионален настан?
Од самиот почеток специјализираната изложба „Експо 2027 Белград“ ја гледаме како можност не само за Србија туку и за целиот регион. Ова е првпат една меѓународна изложба од ваква комплексност и размер на Западен Балкан и вниманието на светот, кое ќе биде насочено кон Белград три месеци, да отворат многубројни можности и за нашите соседи.
Досега повеќе од 140 меѓународни учесници го потврдија своето учество, очекуваме повеќе од четири милиони посетители, од кои се проценува дека повеќе од 1.200.000 ќе бидат странски. Нашата цел е гостите што доаѓаат во Белград да го запознаат и поширокиот регион. Македонија е природно важен дел од таа приказна: поради близината, силните врски меѓу луѓето, заедничкиот туристички потенцијал и просторот за уште поинтензивна деловна и институционална соработка.
За некој што доаѓа од Азија, Америка или Африка, Белград може да биде првата точка на контакт со овој дел од Европа, но и почетна точка за запознавање други дестинации во регионот. Овде гледам многу конкретна можност за Македонија, пред сè во туризмот, економските можности и меѓународната видливост.
Сакаме младите луѓе од Македонија да учествуваат во волонтерската програма и да го препознаат „Експо 2027“ како настан на кој може да придонесат со своето знаење и енергија, но кој, од друга страна, може да им отвори разни врати во професионалната и личната област.
„Експо 2027“ е место за средби и поврзување. Би сакал 2027 година да ја искористиме за да му покажеме на светот модерен и поврзан регион и меѓународното внимание што ќе го добие Белград да го претвориме во можност за целиот Западен Балкан.
Темата Play fot Humanity – Sport and Music for All („Играј за човештвото – спорт и музика за сите“) ги става спортот и музиката во центарот на настанот. Балканот има силна спортска и музичка традиција и како таа регионална енергија ќе биде присутна на „Експо“?
Мислам дека нашиот регион многу природно е препознаен во темата „Игра(ј) за човештвото: спорт и музика за сите“. Спортот и музиката во нашиот регион традиционално ја поврзуваат публиката преку државните граници, а токму оваа моќ на поврзување ја препознава и темата на „Експо“.
Србија и Македонија се добар пример за таа поврзаност. Нашите спортисти, уметници и публика се познаваат добро, а културната и историската блискост ја прави оваа размена многу природна.
За време на 93 дена планирани се повеќе од 8.000 програмски содржини. Тоа дава огромен простор за музика, спорт, култура, средби и програми што ќе ги поврзат луѓето од разни земји.
„Експо“ ќе собере повеќе од сто земји на едно место, но неговото значење не мора да заврши со затворањето на изложбата. Какви долгорочни економски, туристички и културни придобивки очекувате за Србија, а какви можности може да се отворат за регионот?
За нас е многу важно што останува по 15 август 2027 година. Кога зборуваме за „Експо“, зборуваме за инфраструктура, нова содржина, знаење, деловни врски, меѓународни контакти и искуство што ќе се рефлектираат на сите општествени сфери во годините пред нас.
Студијата за економските, социјалните и еколошките ефекти од „Експо 2027 Белград“, подготвена од консултантската фирма „Луис Бергер адрија“, проценува дека проектот би можел да генерира 9,07 милијарди евра нова вредност за српската економија до 2037 година мерено според бруто-додадената вредност. Речиси 60 проценти од вкупната проценета нова вредност се очекува по завршувањето на изложбата. Ова покажува колку е важен периодот по 2027 година.
Очекуваните посети, присуството на бизнис-делегации, компании, инвеститори и меѓународни институции, но и самите медиуми, ќе насочат големо меѓународно внимание кон овој дел од Европа. Некои од можностите што ги отвора таков интерес може да се прошират и на регионот.
Гледам многу конкретни можности за Македонија. Некои од гостите може да го продолжат својот престој и да ги посетат Скопје, Охрид и други дестинации. Македонските компании може да остварат нови меѓународни контакти. Земјата добива можност да биде повидлива за публиката што можеби доаѓа на Западен Балкан првпат.
По „Експо“, би сакал да се мери и колку нови врски сме воспоставиле во регионот, колку нови деловни соработки се иницирани и колку луѓе повторно се вратиле да го посетат овој дел од Европа. Ова се резултати што може да траат со години.
Во последните години сè повеќе се зборува за Западен Балкан како за заеднички економски простор. Може ли „Експо“ да биде платформа преку која компаниите од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора и другите регионални центри ќе соработуваат повеќе?
Апсолутно. Деловното вмрежување е еден од важните делови на „Експо“ и тука гледам голема можност за компании од целиот регион.
Во текот на 93 дена „Експо“ ќе биде место за средба на компании, институции, инвеститори и деловни делегации од разни делови на светот. Токму затоа бизнис-програмата е осмислена како многу специфична платформа во рамките на која ќе се одржат 6 тематски бизнис-форуми, повеќе од 250 билатерални деловни настани и десетици илјади планирани деловни состаноци.
За компаниите од Македонија тоа значи дека голем број потенцијални партнери од целиот свет ќе бидат практично во соседството. Ваква концентрација на деловни можности на едно место не се случува често. Нашите економии веќе добро се познаваат. Има компании што работат на двата пазари, луѓето имаат контакти и искуство од меѓусебна соработка. „Експо“ може да помогне да се прошири таа постојна врска на нови пазари.
Македонските и српските компании може заедно да запознаат партнер од Азија или Африка, да развијат проект и да настапат на трет пазар. Сакаме да поттикнеме токму такви соработки – оние што почнуваат за време на „Експо“ и продолжуваат да се развиваат во текот на годините. В година „Eкспо 2027“ ќе биде најголемата регионална економска платформа досега. Тоа е можност што никој од нас не смее да ја пропушти.

За Македонија особено интересна е можноста „Експо“ да биде место за деловно поврзување. Во кои области гледате најголем потенцијал за македонските компании и претприемачи да се поврзат со меѓународните учесници?
Македонија е еден од нашите најблиски пазари и нашите економии се веќе добро поврзани. Затоа „Експо 2027“ го гледам како можност за понатамошно проширување на постојната соработка и за македонските компании да дојдат до партнери до кои е тешко да се дојде денес.
Потенцијалот постои во голем број области – туризам и угостителство, прехранбена индустрија, информатички технологии, креативни индустрии, логистика, продукција, дизајн, организација на настани и други услуги за кои има голема потреба при подготовка на ваков настан.
Еден разговор за време на „Експо“ може да отвори нов пазар и да прерасне во соработка што трае со години. Затоа би сакал да ги поканам македонските компании и претприемачи да следат што се случува околу „Експо“ во моментот. Деловните можности почнуваат многу пред 15 мај 2027 година.
Еден од најголемите потенцијали на ваков настан е човечкиот капитал. Организаторите најавуваат и ангажирање речиси 20.000 волонтери, при што програмата е отворена и за луѓе надвор од Србија. Дали планирате во таа мрежа да има и млади луѓе од Македонија и од другите земји на регионот?
Нашата волонтерска програма е отворена за целиот свет. Досега повеќе од 15.000 кандидати од повеќе од 140 земји од целиот свет аплицирале за „Експо плејмејкерс“ (Expo Playmakers). Единствениот услов е кандидатот да има најмалку 18 години до 15 април 2027 година. Од Македонија се пријавиле 833 кандидати и тоа е јасен знак дека не само што се препознава меѓународното значење на „Eкспо“ туку и дека в година тоа ќе биде најголемата училница.
Имаме 48 волонтерски улоги, што значи дека сите заинтересирани, особено младите луѓе со разни интереси, знаења и искуства, може да го најдат своето место.
За еден млад човек од Македонија, тоа е можност да биде дел од голема меѓународна средина за време на својот волонтерски ангажман, да работи со луѓе од разни земји, да стекне практично искуство, нови знаења, пријателства и професионални контакти.
Мислам дека токму луѓето и нивните нови знаења и искуства ќе бидат едно од најголемите наследства на „Eкспо“. Генерација млади луѓе од Србија, Македонија и други земји ќе се сретнат во Белград и ќе стекнат искуство, кое ќе го понесат со себе. Некои од овие врски подоцна може да прераснат во пријателства, професионални соработки или заеднички проекти.
Организаторите веќе зборуваат за голем број меѓународни учесници и за „Експо“ како место за размена на идеи. Кои се областите во кои сметате дека Западен Балкан може најмногу да научи и примени од други земји преку овој настан?
„Експо“ е место за размена на идеи, знаења, искуства и конкретни решенија. Кога ќе соберете повеќе од 140 меѓународни учесници во Белград, добивате можност на едно место да видите како разни земји пристапуваат кон слични предизвици.
Новите технологии, иновациите, образованието, одржливиот развој, креативните индустрии и современите пристапи кон спортот и културата се особено интересни за нашиот регион.
Овде гледам голем простор за млади луѓе, универзитети, стартапи, истражувачи и иновативни компании од Македонија. Голем број луѓе, институции и идеи од целиот свет ќе бидат собрани во соседна Србија. Тоа е можност за контакти, размена на искуства и иницирање заеднички проекти.
Важно е и што нашиот регион носи на таа средба. Имаме квалитетни експерти, успешни компании, добри универзитети, талентирани млади луѓе, силна креативна сцена и богато искуство во спортот и културата.
Најголемата вредност се создава кога ќе ги споите луѓето што инаку можеби никогаш не би се сретнале. „Експо 2027“ нуди простор токму за тоа.

Србија во „Експо“ добива можност да се претстави пред светот, но истовремено и регионот ќе биде под поголемо внимание. Дали сметате дека успехот на „Експо“ може да има позитивен ефект и врз туристичкиот и економскиот интерес кон соседните земји?
Мислам дека Македонија овде има многу конкретна можност.
За гостин што доаѓа од Јапонија, Кина, Бразил, Соединетите Американски Држави или некоја друга далечна земја, патувањето од Белград до Скопје или Охрид е кратко во споредба со патувањето што веќе го поминал. Ако веќе доаѓа во овој дел од Европа, природно е да сака да види повеќе.
Затоа „Експо“ може да биде почетна точка за патување во регионот. Ова отвора простор за Македонија и нејзиниот туристички сектор – хотели, ресторани, туристички агенции, превозници, локални дестинации и културни објекти.
Истиот принцип важи и за деловниот сегмент. Компанија или инвеститор што доаѓа во Белград добива можност одблиску да го запознае овој дел од Европа. Македонија тогаш станува пазар што е географски близок, деловно поврзан со Србија и лесно достапен.
Затоа мислам дека треба да го искористиме меѓународното внимание што ќе го донесе „Експо“ и заедно да покажеме што може да понуди овој регион. Колку повеќе гости по Белград одат во Скопје, Охрид или некоја друга дестинација во близина, ефектот од „Експо“ за целиот регион ќе биде поголем.
И за крај, ако „Експо 2027“ го гледаме како можност Балканот за момент да зборува сè погласно и посовремено пред светот, што би сакале еден посетител од Македонија да понесе со себе од Белград, а што би сакале светот да види и разбере за нашиот регион?
Би сакал еден посетител од Македонија да го напушти Белград со чувство дека ова е и негов „Експо“. Да препознае дел од неговата култура и енергија во програмата, луѓето, музиката, спортот и атмосферата, а во исто време да запознае луѓе и идеи од целиот свет.
Исто така, би сакал светот да понесе од Белград слика за нашиот регион како модерна и отворена дестинација. Имаме талентирани млади луѓе, успешни компании, технологија, креативност, музика, спорт, култура и многу добри идеи. Тоа е сликата што сакаме да ја покажеме.
Би сакал „Експо 2027“ да биде моментот кога светот ќе дојде во Белград, а од Белград ќе тргне да го открива целиот регион.


