Здружението „Мобилност Скопје”, со поддршка од Град Скопје, во ДХО „Даре Џамбаз”, синоќа со панел-дискусија го одбележа Меѓународниот ден на лицата со церебрална парализа – 6 Октомври.
На панел дискусијата зедоа учество проф. д-р Соња Бојаџиева, педијатар и редовен професор на Катедрата за педијатрија при Медицинскиот факултет во Скопје, проф. д-р Илија Кировски, специјалист педијатар и вонреден професор на Универзитетската клиника за детски болести, проф. д-р Филип Дума, повеќе други стручњаци во својата област, како и претставници на повеќе здруженија што ги застапуваат граѓаните со церебрална парализа. На средбата свое излагање имаше и министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски.
– За брзо време, во рамките на Министерството, целосно го менуваме концептот. Во таа смисла ќе следи и класификација на лицата со попреченост, во контекст на оној Закон за проценка којшто в година треба да стапи во сила и ќе биде олеснителна околност за овие наши граѓани кои денес одат на повеќе комисии трошејќи средства, време, и сѐ тоа ќе биде минато. Тоа значи целосна унифицираност, изјави министерот Велковски.
Според него, се работи и на решавање на статусот на лицето со попреченост кое навршувајќи 26 години, сега губи голем дел од она што му следува дотогаш, што многу често предизвикува проблеми – лични, семејни итн. Се покрена и прашањето за личните и образовните асистенти, кои, според повеќемина присутни, како и за министерот, во овој миг недостасуваат во голем број.
Владината претставничка, од друга страна, најави отчетност за министерствата и другите органи на власта, коишто треба да ја преточат Конвенцијата за правата на лицата со попреченост – во конкретни мерки и реални придобивки. Според неа, македонската Влада од годинава ги задолжува надлежните тела на месечни, двомесечни или тримесечни извештаи за преземените обврски.
– Денот на лицата со церебрална парализа денес се чествува под мотото „Единствени и обединети“. Секоја приказна е уникатна, но сите сме обединети во борбата за свет без препреки. Но, денеска се слави и разновидноста, индивидуалноста, единственоста и уникатноста на секое лице со церебрална парализа, нормално – и на нивното семејство, бидејќи сите тие заедно се соочуваат со предизвиците, посочи Бранимир Јовановски – претседател на Сојузот на здруженија на лица со попреченост „Мобилност Македонија“
Д-р Илија Кировски посочи дека современата медицина и технологија овозможуваат сѐ поделотворни мултидисциплинарни третмани и рехабилитација, пред сѐ – за децата, но и повозрасните лица со попреченост. Д-р Соња Бојаџиева и д-р Филип Дума се согласија дека пристапот мора да биде мултидисциплинарен и мултисистемски – секако преку новите медицински достигнувања, помогнат од најсовремената технологија, вештачката интелигенција и роботиката.

