Во рамки на програмата „Welcome to Macedonia“, во организација на Фондацијата Институт за социо-економски развој „Академија ABC“ – Струмица, Општина Струмица вчера беше домаќин на амбасадорите на Народна Република Кина, Џианг Сјаојен и Црна Гора, Зоран Миљаниќ, како и на почесниот конзул на Република Перу, Ненад Јаниќевиќ, соопштија вечерва од локалната самоуправа.
На средбата биле презентирани економските и инвестициските потенцијали на Општината, земјоделството и прехранбената индустрија, културното и историското наследство, Струмичкиот карневал, туристичките можности, како и современите развојни приоритети на Струмица поврзани со инфраструктурата, зелената агенда, дигитализацијата и примената на вештачката интелигенција.
-Посебен акцент беше ставен на можностите за воспоставување и продлабочување на меѓународната соработка во повеќе области – економија и инвестиции, земјоделство и современи технологии, култура и образование, туризам, зелени технологии, дигитализација и вештачка интелигенција, како и соработка на локално ниво и заедничко аплицирање и користење на европски и други меѓународни фондови, се наведува во соопштението.
Посетата продолжила со разгледување на дел од културно-историското и духовното наследство на Струмичкиот регион, при што дипломатските претставници ги посетија манастирите во Водоча и Велјуса, каде што биле пречекани од Владиката Наум, како и Царевите Кули.
Се додава дека посетата претставува можност за промоција на Струмица како град со богато историско и културно наследство, развиен стопански потенцијал и отвореност за нови меѓународни партнерства и соработки.

