Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против две финансиски раководителки во АД „Државна лотарија“ за кои постои основано сомнение дека како соизвршителки сториле проневера во службата, така што целокупниот дневен промет за 2024 година, кој им бил доверен од продажните места, не го уплатиле и не го депонирале на трансакциските сметки на друштвото во деловните банки, туку го присвоиле за себе.
Тие, како што информираат од Обвинителството, присвоиле пари доверени во службата во висина од 1,3 милион евра и се сомничат за сторено кривично дело проневера во службата од член 354 став 5 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Во текот на 2024 година првоосомничената на позиција директор на Секторот за финансии и сметководство и второосомничената како шеф на финансиски работи во АД за приредување игри на среќа „Државна лотарија на Република Северна Македонија“, вршејќи ги своите посебни овластувања и должности определени со законот, заедно учествувале во дејства на извршување на кривичното дело проневера со намера да прибават за себе противправна имотна корист.
– Тие присвоиле пари доверени во службата во значителен износ од 79.989.444 денари. Како овластени лица за подигнување готовински средства наменети за исплата на мали добивки и лица задолжени за прием и уплата на дневниот промет остварен од сопствени продажни места на друштвото, тие целокупниот дневен промет за 2024 година, кој им бил доверен од продажните места на АД „Државна лотарија на РСМ“, не го уплатиле и не го депонирале на трансакциските сметки на друштвото во деловните банки, туку го присвоиле за себе. Дополнително, од банкарските сметки на АД „Државна лотарија на РСМ“ подигале парични средства, кои исто така ги присвојувале за себе – се вели во соопштението од Обвинителство.
Бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од криење и бегство, постои основан страв дека осомничените ќе се обидат да ги скријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело, како и особени околности, кои укажуваат дека ќе ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоците, вештаците, соучесниците или прикривачите, но и околности што упатуваат на можноста да го повторат кривичното дело, јавниот обвинител, како што информираат од Обвинителство до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за двете осомничени.

