Реклама

Бугарија си игра топло-ладно со можната средба меѓу министрите за надворешни работи Муцунски и Петрова

Груби следната недела излегува од притвор, нуди и гаранција од над 300.000 евра за да му го вратат пасошот

Светска Банка ја подобри прогнозата за економскиот раст на Македонија за годинава од 2,9% на 3,2%

Во Дојран запленети 79 килограми марихуана – Нова акција во која е разбиена меѓународна криминална група

Муцунски и Петрова ќе се сретнат в четврток во Софија

Златна маска стара 26 векови кај Струшко: сензационално археолошко откритие на локалитетот Расница

Штипскиот универзитет промовираше прирачник за рано препознавање на сите форми на насилство во училиштата

Нови апсења се случуваат во Државна лотарија

Со 12,8 милиони евра ќе се помагаат земјоделците, почнува доделувањето на картички за зелена нафта

Фон Дер Лајен не фали за реформите како никогаш претходно, Филипче се чуди што ќе бара Муцунски во Софија

Недостаток од наставници по природни науки, министерката Јаневска најавува чекори за враќање на достоинството и подобри плати

Зголемена куповна моќ на пензионерите, Фискалниот совет бара реформи за помала дупка во ПИОМ

Македонија

Грозданова: Во моментот во земјата нема пријавен случај на несакана реакција од бесеже, привременото одложување на вакцинацијата е превентивно

Во моментот во нашата земја немаме пријавен случај од несакана реакција од…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Во моментот во нашата земја немаме пријавен случај од несакана реакција од бесеже – нагласи проф. Александра Грозданова, претседателка на Комисијата за имунизација, во денешната изјава за медиуми.

– Но имајќи предвид дека сакаме превентивно да дејствуваме, Комисијата даде препорака за привремено одложување на вакцинацијата со бесеже сè до моментот додека не ги добиеме комплетните информации, а тоа се: дали сериите што во моментот се користат во Хрватска соодветствуваат со сериите што ги имаме во нашата земја и МАЛМЕД ќе истражи, заедно со Институтот за јавно здравје и Министерството, дали ќе се јават некои дополнителни несакани реакции кои ќе се пријават – истакна таа.

Инаку, како што јавноста претходно беше информирана, Хрватска привремено ја суспендира примената на бесеже-вакцината по четири сомнителни случаи за ретка несакана реакција.

Реклама

– Во однос на информациите што вчера беа проследени од Хрватската агенција за лекови и објавени на нивната веб-страница, тие беа проследени до нас. Денеска наутро се состана Комисијата за имунизација заедно во координација со нашата Агенција за лекови – МAЛМЕД. Ги разгледавме информациите што беа доставени до нас. Станува збор за тоа дека Хрватската агенција за лекови прекинува со вакцината бесеже имајќи предвид дека оваа иста вакцина, односно од истиот производител, се користи и кај нас. Ние денеска се состанавме со цел да ги разгледаме можните последици во однос на нас – нагласи таа.

Притоа потсети дека оваа вакцина се користи со години кај нас – повеќе од 20 – и сподели дека таа се користи и во Бугарија како земја производител, меѓутоа и во неколку европски земји, како што се Хрватска, Унгарија и Романија.

– Разгледувајќи ги аспектите што ги имаме предвид, а тоа е дополнително дека Македонија е земја од ризик во однос на туберкулозата и дека кај нас е задолжителна оваа вакцинација за разлика од Хрватска, каде што имаат многу низок степен во однос на туберкулозата, од голем интерес е вакцинацијата да биде на високо ниво, особено со оваа вакцина. И затоа оваа вакцина е во редовниот задолжителен календар во нашата земја – појасни таа.

Но, имајќи ги предвид четирите пријавени случаи во Хрватска, стапиле во контакт со нашата Агенција за лекови – МАЛМЕД.

– Во нашата земја е пријавен само еден случај, кој воопшто не е остеомиелитис, она што е пријавено во Хрватска, туку станува збор за локална реакција при апликација на бесеже-вакцината и тоа било во 2022 година – информира Грозданова.

Таа додаде дека ова е една од најстарите вакцини што се користи и што е во редовниот календар на имунизација на повеќе земји што епидемиолошки се во ризик, како што е нашата земја.

Дополнително, информира дека колегите од Институтот за туберкулоза пријавиле дека имаат 95 пациенти, од кои 83 се регистрирани во 2026 година, активни случаи на туберкулоза. Во моментот на Универзитетската клиника „Козле“ се хоспитализирани три деца, активни случаи, во 2025 тие имале 15 случаи, а во 2026 – 12 нови случаи.

– Во последните две години имаме активни случаи што во принцип се повеќе или помалку исти годишно и оттука е потребата, всушност, да бидат овие индивидуи вакцинирани. Сите овие случаи се или невакцинирани или со непознат вакцинален статус – соопшти таа.

Препораката, истакна, се дава во следните неколку дена, додека МАЛМЕД не ги собере точните информации во однос на сериите и дали постои воопшто директна поврзаност помеѓу вакцината и состојбата што настанува, тоа е остеомиелитисот. Таа изрази надеж дека привремено се одложува вакцинацијата и дека веќе од следната недела таа ќе биде континуирано продолжена.  

На новинарско прашање рече дека она што се случува во Хрватска во врска со вакцините е од 1922 и 1924.

– МАЛМЕД ќе ги истражи сите серии што ги има поназад во комуникација со производителот, со доставувачот. На институционално ниво ќе комуницира со агенциите од регионот за да видат дали станува збор воопшто за серија или станува збор за повисока инциденција, која се јавува кај ова заболување. Во збирниот извештај остеомиелитисот е ставен во исклучително ретка појава како несакана реакција од оваа вакцина. Сосема ги разбирам родителите и сочувствувам со прашањата што ги имаат, меѓутоа во исто време ви кажувам дека милионски дози од оваа вакцина буквално и во моментот се даваат, затоа ги споменав оние европски земји што се многу поголеми по популација од нас – рече Грозданова.

На клиничките случаи, кои евентуално би се јавиле, се осврна проф. Катарина Ставриќ, педијатар имунолог и член на Комисијата за имунизација. Таа истакна дека во принцип, според клиничките симптоми на остеомиелитисот – воспаление на коската, станува збор за сериозно тешко заболување и може да биде предизвикано од разни предизвикувачи, а се манифестира преку сериозни симптоми, температура и нарушување на општата состојба, губење апетит, замор.

– Со оглед дека досега навистина немаме регистрирано остеомиелитис како компликација од бесеже, мислам дека нема потреба да се прави паника меѓу родителите. Секако, ако детето има каков било здравствен проблем, треба да се консултираат со својот матичен педијатар или матичен доктор за да се проследи. Сега е сезона, односно почнуваат респираторните инфекции, ќе имаат и температура и горнореспираторни симптоми на инфекција, така што мислам дека нема место за паника – истакна Ставриќ.

На настанот беше споделено дека вакцината се дава на раѓање, препораката е на раѓање сите новородени, меѓутоа може поради разни причини и да се одложи, во текот на првата година се препорачува да се прими бесеже, без никакви тестирања. По првата година, ако детето нема податок, не е евидентирано во родилиштето дека примило бесеже, тогаш веќе се препорачува да се направи манту и по година, ако манту-тестот е негативен, кожниот тест, тогаш се препорачува да прими бесеже-вакцина.  

Прашана дали може да се набави вакцината од друг производител, Грозданова рече дека воопшто лимитирани се производителите на бесеже-вакцината.

– Пред одреден број години имаше еден полски производител, меѓутоа ние со години, исто како и земјите од регионот, ја користиме оваа бесеже-вакцина од „Булбио“ од Бугарија токму поради тоа. Вакцината по распоред и календар се прима најдоцна 72 часа во родилиштето, меѓутоа имате одложување и за ден, и за недела, и за месец до првата година. Што значи дека децата ќе останат заштитени, но, од друга страна, мора да бидеме свесни и за тоа дека сме ендемско подрачје за туберкулоза и дека треба да ги заштитиме. ​Секако, доколку се потврди каква било асоцираност, ќе се направат напори да се набават вакцини што ќе може да ги користиме. Редовниот календар на имунизација не треба да биде прекинат – одговори Грозданова на новинарско прашање.

Во меѓувреме, за бебињата што се испуштаат дома, таа посочи дека доколку во семејството или во околината во која живеат има потврдени случаи, во тој случај тие треба да бидат заштитени. – Мислам дека уште во текот на утрешниот ден колегите од ТБЦ ќе комуницираат на начин што треба и како треба да се прави – одговори Грозданова на новинарско прашање.