Разбиена е меѓународна криминална група поврзана со нелегална трговија со дрога, петмина се приведени, соопштија денеска од Царинската управа.
– По спроведена истрага на Oдделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, разбиена е меѓународна криминална група поврзана со нелегална трговија со дрога. Пет лица се приведени и против нив е поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори. Акцијата започна по разузнавачка информација од Одделението за разузнавање, по што мобилни тимови од Одделението за оперативни работи преземаа оперативни дејствија и на граничен премин „Дојран“ на излез од државата, спречија обид за нелегална трговија со 79 кг марихуана што требало да заврши на турскиот пазар – информираа од Царинската управа.

Марихуаната била запленета, а возачот – државјанин на Босна и Херцеговина, бил приведен од страна на Одделението за истраги, кое во соработка со ОЈО – ГОКК, започнало темелна предистражна постапка со цел откривање на сите сторители.
– Во предистражната постапка е утврдено дека камионот со кој управувал возачот од Босна и Херцеговина влегол во Македонија натоварен со железни профили кои требало да ги транспортира до Грција. По претходен договор со лица од Македонија, на однапред договорена локација, извршен е претовар на марихуаната во камионот, по што истиот е пломбиран со пломба која возачот ја имал во себе. Истиот потоа го продолжил патот кон Грција преку граничниот премин „Дојран“, каде е пресретнат од мобилните единици. Со оваа акција, Царинската управа уште еднаш потврдува дека со силни разузнавачки и оперативни дејствија и темелни истраги, системски го сузбива криминалот – се додава во соопштението.

