На Факултетот за образовни науки (ФОН) при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип денеска беше промовиран прирачникот за наставници „Безбедна училишна средина: Справување со насилство со комуникациски протоколи“, а воедно се одржа и дебата на тема „Справување со насилството во училиштето“.
Деканот на ФОН-Штип, Трајче Стојанов истакна дека овој прирачник е резултат на една подолгогодишна иницијатива и конкретен проект што се работеше во изминатите неколку месеци и заедно со колегите Даниела Коцева и Кирил Барбареев, констатирале дека при справувањето со насилството, наставниците, учителите во основните и средните училишта често имаат проблем да го искомуницираат тоа со жртвата, како со насилникот, но и со родителот на насилникот, така и со родителот на жртвата. Стојанов вели дека овие комуникациски протоколи треба да обезбедат некоја почетна рамка, за тоа како да се искомуницира случајот со сите засегнати страни.
- Овој прирачник укажува на тоа како да го препознаеме насилството, физичко, емоционално, сајбер насилство, сексуално и социјално и така натаму. Кога наставниците ќе бидат освестени, сензибилизирани за тоа, нема да го пропуштат, нема да го игнорираат затоа што може да преминат првото на второ ниво, второ на трето ниво итн. Тоа претставува навистина сериозен општествен проблем. Тоа не е проблем со кој се соочува само Македонија. Тоа е сериозен општествен проблем во многу земји во светот и сите се обидуваат на различни начини да одговорат на овој предизвик. Еден од начините е овој прирачник – подвлече Стојанов.

Универзитетската професорка Коцева се надева дека овој прирачник нема да биде уште една книга што ќе се најде на полиците на наставниците и како што вели „ќе фаќа прашина“. Туку напротив, ќе биде од голема полза, затоа што нуди практични механизми како да се справуваат со различните видови насилство.
– И наставниците и учителите мора да бидат оспособени да го препознаваат насилството и да се справуваат или да изучуваат различни механизми како да го препознаат и како да го спречат насилството. Добро е кога тоа ќе се превенира, кога ќе се детектираат причинителите, така што со тоа нема да се дозволи подоцна да се соочуваме со последиците од насилството. По повод Светскиот ден на учителот сакаме да испратиме порака дека училиштето не е само место каде што се стекнува образование, туку треба да биде и место во кое што децата треба да се чувствуваат безбедно, прифатено и сигурно. Ниту едно дете не треба да се плаши да оди во училиште како што и ниту еден наставник не треба да биде оставен сам да се соочува со насилството затоа што лесно е да го препознаете, но понекогаш наставниците не се сигурни дали постапуваат правилно-изјави Коцева.
Таа вели дека токму овој прирачник на наставниците им нуди точни насоки и комуникациски протоколи како да постапуваат кога ќе се соочат со различен вид насилство: како да се обратат на ученикот, жртва на ученикот насилник, како да се обратат на родителите, на стручните служби и во соработка сите заедно да постапат соодветно.

