Ново мултифункционално спортско игралиште, опремено со терени за фудбал, ракомет и кошарка, трибина, заштитна ограда и современа спортска опрема, денеска беше пуштено во употреба во Општина Сопиште од министерот за спорт Борко Ристовски и градоначалникот Јане Мицевски, соопшти Министерството за спорт.
Министерот Ристовски истакнал дека изградбата и реконструкцијата на спортската инфраструктура остануваат меѓу клучните приоритети на Министерството за спорт.
– Секое ново игралиште значи нова можност едно дете да го избере спортот наместо пасивноста. Значи нов простор за младите каде може да спортуваат и правилно да се развиваат. Без основни услови не може да зборуваме ни за професионален спорт, ниту пак за правилен развој на младите кои овде ги направат првите чекори во спортот. Како Министерство за спорт, со силна поддршка од Владата, продолжуваме да инвестираме во спортската инфраструктура и да работиме на терен, таму каде што граѓаните ги чувствуваат резултатите – рече Ристовски.
Тој нагласил дека реализацијата на ваквите проекти е дел од определбата на Министерството да создава долгорочни услови за развој на спортот и поголема вклученост на младите во спортски активности.
Од Министерството за спорт најавуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со реализација на проекти за изградба, реконструкција и унапредување на спортската инфраструктура низ државата, со цел да се обезбедат современи и безбедни услови за спортување и рекреација.

