Со уште една културна вечер исполнета со хумор, сатира, афоризми, карикатури и музика, во Делчево заврши 15. издание на Меѓународниот фестивал на хумор, сатира и карикатура „Пијанец“.
Јубилејното издание на фестивалот донесе реномирани гости, докажани изведувачи и бројна публика, потврдувајќи дека оваа културна манифестација веќе 15 години е дел од културниот живот на Делчево и регионот.
Во рамки на завршната фестивалска вечер, познатиот српски сатиричар Александар Чотриќ ја претстави својата најнова книга – антологијата на европскиот афоризам „Баукот на афоризмот кружи низ Европа“. За делото свој осврт даде и македонскиот сатиричар Васил Толевски.
На вечерта беше присутен и графичарот Никола Симовски, кој со својата работа во изминатите години даде значаен придонес во реализацијата на фестивалот и во развојот на културните настани во Делчево.
Посебен печат на вечерта ѝ дадоа членовите на Експерименталното театарче – Андријана Димитровска, Љупчо Златковски-Тарата, Љупчо Илиев-Цинцо и Зоран Паговски-Пивото, кои презентираа афоризми од антологијата.
Музичкиот дел го збогатија Даниел Савич, Еди Смит и Лоренцо Трајановски, со што дополнително се создаде пријатна и весела атмосфера за присутната публика.
Во рамки на фестивалот беше поставена и изложба на портрет-карикатури на познати личности од карикатуристката Кети Радевска од Битола.
На завршната вечер присуствуваа и поранешниот градоначалник на Делчево Горан Малешевски и Тони Стоименовски, кои беа меѓу луѓето што придонесоа за основањето на фестивалот пред 15 години.
Организаторот и еден од основачите на фестивалот, Миле Ѓорѓијовски, со својот тим и годинава понуди фестивалска програма која ги обедини хуморот, сатирата, карикатурата, театарот, музиката и книжевноста.
Со завршната вечер беше ставена точка на 15. издание на „Пијанец“, но не и на традицијата. Фестивалот продолжува да го гради своето место на културната мапа на Делчево, со најави дека хуморот, сатирата и карикатурата и во иднина ќе продолжат да ја освојуваат публиката.

