Политичките, економските и стратешките аспекти на кинеското присуство во регионот, како и на различните регионални перцепции за овие процеси ќе бидат во фокусот на денешната панел-дискусија „Перцепции и импликации на новите глобални иницијативи на Кина врз Југоисточна Европа“, која ќе се одржи на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Настанот е дел од академската платформа „Катедра Аденауер 2026“, а го организираат Фондацијата „Конрад Аденауер“, Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Здружението за развој на стратегии, истражување, едукација и промоција на меѓународни вредности – ЕСТИМА. Иницијативата е поддржана и од Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“ од Брисел.
Поздравни обраќања на панел – дискусијата ќе имаат Даниел Браун, официјален претставник на Фондацијата Конрад Аденауер, Катерина Јакимовска, виш координатор за настани при Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс во Брисел и проф. д-р Сашо Георгиевски, декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје.
Во рамки на настанот ќе биде промовирана и публикација со истоиментион наслов, „Перцепциите на новите глобални иницијативи на Кина во Југоисточна Европа и нивното влијание“.
Клучните наоди од истражувањето ќе ги презентира Ана Крстиновска од ЕСТИМА која е една од авторите на истражувањето, по што ќе следува панел-дискусија со учество на проф. д-р Васко Наумовски, пратеничката и членка на Интерпарламентарната алијанса за Кина (IPAC) Рашела Мизрахи и д-р Анастас Вангели, професор на Универзитетот во Љубљана.
Дискусијата ќе ги обедини претставници на академската и експертската јавност, политички чинители, студенти и претставници на меѓународната заедница, со цел да се разгледаат актуелните процеси поврзани со кинеските глобални иницијативи и нивните можни импликации за Југоисточна Европа.

