Осмото издание на Vranec World Day ќе собере дваесетина винарии и љубители на виното денеска во Културно-информативниот центар во Скопје, во чест на Вранецот, една од најпрепознатливите македонски вински сорти. На винскиот салон посетителите ќе имаат можност да дегустираат различни стилови на Вранец, но и други вина од портфолијата на винарниците учесници.
Според организаторите од Здружението „Вина од Македонија“, годинава на настанот ќе учествуваат дваесетина винарии, кои преку своите производи ќе ја претстават разновидноста и потенцијалот на македонската винска индустрија.
За музичката програма ќе биде задолжена диџејката Марија Јанче, а настанот ќе биде можност на едно место да се сретнат производители на вино, вински професионалци и љубители на виното.
Организаторите истакнуваат дека Vranec World Day веќе осум години придонесува за промоција на Вранецот како автохтона сорта поврзана со македонската винска традиција, но и за нејзино поголемо меѓународно позиционирање и препознатливост.

