Сами Морина е новиот претседател на Управниот одбор на Стопанската комора на Северо-Западна Македонија (СКСЗМ). Тој беше избран на VI изборно собрание на Комората, која ќе ја води во наредните четири години.
На изборното собрание за претседател на Собранието беше избран Салим Хасани, а за потпретседател Неим Фејзи. Беа избрани и членовите на Управниот одбор и Надзорниот одбор, со што беше комплетирана новата раководна структура на СКСЗМ. На настанот присуствуваа и почесниот претседател Џемаил Даути, извршниот директор на СКСЗМ, Дурим Зекири, како и поранешниот претседател на Сеалбанскиот економски форум, Нагиб Фејзи.

По изборот, претседателот Морина истакна дека раководењето со Комората во новиот мандат ќе биде насочено кон зајакнување на нејзината улога како претставник на гласот на деловната заедница и кон создавање поповолни услови за развој на приватниот сектор.
Со конституирањето на новите раководни органи, како што велат од СКСЗМ, Комората ќе продолжи со своите активности во насока на застапување на интересите на своите членки, поттикнување на соработката меѓу приватниот сектор и институциите, како и промовирање стабилно и конкурентно опкружување за развој на бизнисот.

