Една година после промените кои ги донесоа граѓаните, Дебрца бележи значаен развој во повеќе области, со реализација на бројни инфраструктурни проекти, инвестиции во комуналната инфраструктура, поддршка за семејствата, младите, земјоделците и локалната економија, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Проекти се реализираат, се вложува, се гради, се инвестира, ветеното пред граѓаните се исполнува. Во таа насока, особено значајна е инвестицијата од 6 милиони евра во село Мешеишта, каде што во изградба е фабрика за производство на еластични огради, која ќе донесе нови работни места и дополнителен економски развој за општина Дебрца.
Во изминатиот период целосно реализирани или започнати се бројни инфраструктурни проекти во населените места низ Дебрца. Во Оровник започна реконструкцијата на главната улица со ново осветлување и тротоари, инвестиција вредна 11,5 милиони денари, додека во Мешеишта се реализирани повеќе улици, партерно се уредува сретселото, а започната е и реконструкцијата на патот Мешеишта – Волино, вредна 15,5 милиони денари.
Во Волино е завршена реконструкцијата на Домот на културата, инвестиција од 6,5 милиони денари, а асфалтиран е и патот до црквата „Св. Петка“, со ново осветлување и пешачка инфраструктура.
Инвестиции во патната инфраструктура се реализирани и во Злести, Ботун, Лешани, Издеглавје, Долно Средорече, Годивје, Лактиње и други населени места, а особено значајни се средствата издвоени за патните правци до манастирите и црквите, како и санацијата на пристапните патишта до спомениците од историско значење.
Паралелно со инфраструктурните проекти, се работи и на долгорочно решавање на проблемите со водоснабдувањето и наводнувањето, при што во изградба е нова каптажа во месноста Опчели – Караорман, со која треба да се обезбедат дополнителни количини квалитетна вода за шест населени места, во Лешани се подготвуваат решенија за нова пумпна станица, додека во повеќе населени места се градат и бетонски канали за наводнување.
Значајни инвестиции има и во противпожарната заштита и комуналните услуги. Во Белчишта се гради гаража и противпожарна станица за доброволното противпожарно друштво „Ентузијаст“, вредна 2,4 милиони денари, ЈКП „Дебрца“ е опремено со нова механизација и возила, меѓу кои камион за смет дониран од град Виена, ново комунално возило, Volkswagen Transporter, специјална машина за чистење канализации, обезбедени се и 480 нови канти за отпад и нови униформи за вработените.
Особено внимание е посветено и на социјалните мерки, по што воведена е субвенција од 20.000 денари за полагање возачки испит за жителите до 21 година, поддршка за локалните продавници, мерки за поддршка на наталитетот, помош за младите брачни парови, како и финансиска помош за семејства погодени од елементарни непогоди и за лекување.
Во образованието, за првпат се обезбедени бесплатни училишни униформи за сите ученици, за првачињата се обезбедени по 10.000 денари и целосно опремени ранци, воведени се стипендии, награди, бесплатни екскурзии и поддршка за учество на натпревари, а општината вложува и во зачувувањето на културното и историското наследство, при што уредени се споменици од НОБ, пристапни патишта до повеќе значајни локалитети, а во Требеништа е започната реализацијата на проектот „Златна маска“.
Реализираните и започнатите проекти се доказ дека инвестициите во инфраструктурата, економијата, комуналните услуги, образованието и социјалната заштита се одвиваат паралелно, со цел подобрување на условите за живот во сите населени места во Дебрца.

