Еден од најголемите потреси во македонската понова историја се случи пред точно 31 година. За атентатот врз поранешниот македонски претседател Киро Глигоров сè уште има само прашања, но не и концизни одговори, кои би довеле до затворање на случајот.
МИА разговараше со Зоран Петров, авторот на „Атентат“, прва издадена книга за нападот врз Глигоров.
Петров истакна дека изминатите години дошол до нови информации, но не и до докази за неговото тврдење дека „зад атентатот стои организиран криминал“.
Според него, истрагата за атентатот била „водена недозволиво аматерски“ и „погрешно насочувана“ кон странските конекции наместо кон „домашните криминално-политички структури“
Тој не е оптимист дека „случајот некогаш целосно ќе биде расветлен и правно ќе биде затворен“.
По толку години од атентатот на поранешниот македонски претседател Киро Глигоров не е утврден мотивот, не се откриени нарачателите и извршителите, ниту пак виновниците. Според Вас која стои зад атентатот?
-Кога би го знаел одговорот, атентатот би бил расветлен. А тој е мистерија, сè уште. Тоа што јас го мислам е сосема ирелевантно, бидејќи решавањето на секој криминален акт се заснова на докази. А докази нема. Има само претпоставки и шпекулации, со повеќе или помалку уверливи индиции, има осамени обиди на неколкумина упорни и посветени индивидуалци кои објавуваат статии, мемоари и книги поврзани со атентатот, има по некоја бомбастична изјава, по некоја кривична пријава за клевета и … горе-долу тоа е сè. А за тоа колку работите се замрзнати, заглавени, застоени и заборавени, ќе наведам еден пример. Имено, на 30. септември 2010 година, во организација на Форумот за безбедност и Здружението на ветерани од областа на одбраната и безбедноста, во Домот на АРМ во Скопје се одржа научно-стручна дебата по повод 15-годишницата од атентатот врз Глигоров. Бев поканет и јас како поранешен новинар и автор на првата книга за настанот од трети октомври 1995 година. За да внесам доза на провокација на собирот, во своето излагање потенцирав дека јас знам кој стои зад атентатот, ама тоа не смеам да го кажам, бидејќи немам докази. Еве, 16 години подоцна, можам да го повторам истото, зашто ништо не е сменето.
Вашата книга излезе од печат една година по атентатот, во која го реконструирате нападот. Многу подоцна изјавивте дека додека пишувавте за атентатот Вие и Вашето семејство трпевте закани. Дали тоа е индикатор дека истрагата од самиот почеток била намерно опструирана?
-Кога се случи атентатот имав неполни 33 години. За еден релативно млад и амбициозен новинар, кој секторски беше задолжен за одбрана и безбедност, поголем предизвик не можеше да има. Со огромна поддршка од тогашната редакција на дневниот весник „Нова Македонија“, влегов во настанот максимално посветено. Шансата за докажување беше неповторлива, а мојот истражувачки афинитет дојде максимално до израз. Читав стручна литература, разговарав со експерти, контактирав со голем број извори, извлекував паралели и компаративни искуства и секојдневно објавував текстови за настанот. И кога имаше и кога немаше нови моменти. Новинарски кажано, целта беше да се држи тензија, но и да се охрабрат нови извори кои имаат да соопштат нешто ново. Резултатите брзо дојдоа. Така на пример, неполна недела по атентатот, прв ја објавив веста дека автомобилот – бомба на местото на настанот го довезла жена. Во мојата редакција секојдневно пристигнуваа главно анонимни писма, картички или телефонски повици со нови „пикантерии“ поврзани со настанот, од кои, најголем дел беа шарени лаги. Тесно соработував со МВР во делот на размена на податоци, а во еден момент посебно се фокусирав на пропустите во самата истрага, претставувајќи ги како индиции дека во обидот за физичка ликвидација на првиот македонски претседател има многу домашни елементи. А тоа веќе беше ризична игра, бидејќи дојде во директна конфронтација со официјалната полициска позиција дека се работи за странски служби, а тоа имплицитно го најави тогашниот министер за внатрешни работи посочувајќи ја бугарската Мултигруп. Тогаш дојдоа анонимните телефонски закани, и „добронамерните“ укажувања кон мене и членови на моето семејство да внимавам што правам. Да бидеме начисто, голем дел од лицата што самоиницијативно и самостојно го истражуваа атентатот, биле подложни на посредни и непосредни закани и предупредувања, а тоа го разбрав години подоцна.
Дали можете да посочите кои поединци или институции ја попречувале истрагата?
-Општо познато е дека истрагата беше водена недозволиво аматерски. Од денешен агол на гледање, не би рекол дека таа била попречувана, туку погрешно насочувана. Акцентот бил на лица што оделе или доаѓале од странство, на конекции со поединци или институции и фирми од соседни држави, наместо со домашните криминално-политички структури. На пример, свесно и намерно се прикривал податокот дека три месеци пред атентатот, значи во јуни 1995 година, од магацините на АРМ кај скопско Визбегово, било украдено оружје, експлозив и детонатори. До денешен ден не сум чул објаснување зошто оваа информација е криена од јавноста. Единствениот логичен заклучок е дека ако бараме некаква предумисла или осмислен план за неуспех на истрагата, тоа е нејзино погрешно насочување. Има тука и многу други индикатори, за кои би ни требал многу подолг простор за елаборирање.

Ако прифатиме дека истрагата за атентатот била попречувана или погрешно насочувана, дали тоа укажува дека во атентатот се вмешани и домашни елементи?
-Апсолутно. Моето мислење е дека зад атентатот стои организиран криминал и дека мотивите за елиминација на Глигоров се чисто мафијашки. Најпростата дедукција го вели следново: Прво, станува збор за период проследен со воениот распад на Југославија, со криминалната приватизација во Македонија, со ембаргото кон Србија и со т.н. „првобитна акумулација“ на капиталот, што за кусо време исфрли на површина дузина македонски тајкуни, блиски до тогашната актуелна власт. Второ, Киро Глигоров како прв непосредно избран претседател на државата и како најпопуларен политичар во нејзината историја, не само што имал висок углед кај меѓународната заедница, туку имал и огромно влијание во одлуките на тогашната Влада. Знаел за кршењето на ембаргото и за други девијации во државата, така што со неговите реакции бил трн во окото на одредена интересна група. Трето, станува збор за период на устоличување на организираниот криминал во Македонија, на што една година претходно јавно укажа и еден висок полициски функционер. Патем, по дефиниција, организираниот криминал претставува спрега меѓу власта и криминални структури за остварување незаконска корист. Ако се земе предвид и тогашниот регионалниот аспект на овој феномен, односно тесната поврзаност на бугарски, македонски и српски криминални структури, лесно доаѓаме до претпоставката дека можно е во самиот чин на извршување на атентатот, да биле вклучени и лица од соседството. Што не го менува мотивот, а тој според мене е само и исклучиво борба за финансиска и политичка моќ. Што во македонски услови ви доаѓа, горе-долу исто. И четврто, а можеби и најважно, е дека атентатот целосно ја исполни својата цел. Глигоров физички го преживеа, ама политички беше елиминиран, односно апсолутно маргинализиран. На сцена стапија некои нови „дечки“ со некои нови манири, со некои нови практики, форми и методи на владеење, кои се трансформираа во традиционално владеење на македонски начин. Во овој контекст, секогаш го цитирам покојниот новинар, Васил Мицкоски, кој во неделникот „Пулс“ во анализа на настаните по атентатот, пророчки напиша дека по 3 октомври во Македонија ништо нема да биде исто.
Дали со текот на годините откривте некои нови елементи или докази? Дали по толку години можеме да се надеваме дека ќе се затвори случајот или ќе остане во доменот на шпекулации, различни теории, едноставно нерешен случај?
-Мојата кариера, прво како новинар, потоа како разузнавачки аналитичар и како заменик министер за надворешни работи, ми отвори широки можности дискретно да си спроведувам некаква приватна истрага сите овие изминати години. Во многубројните контакти со претставници од странски разузнавачки служби, со дипломати и, пред сè, со наши експерти од областа на безбедноста, медиумите и бизнисот, дојдов до многу конкретни сознанија, имиња, конекции и испреплетени интереси. Ама до ниеден доказ. Оттаму, не верувам дека случајот некогаш целосно ќе биде расветлен и правно ќе биде затворен. Атентатот врз претседателот Глигоров од 3 октомври 1995 година, се повеќе добива форма на некакво традиционално одбележување на еден конкретен датум за еден конкретен настан, отколку што претставува мотив за расветлување на еден терористички акт. Се претвора во фолклорен елемент, како потенцијална инспирација за народна песна. Останува горчливиот вкус на неуспехот на сите нас.

