Во Градскиот парк кај фонтаната „Лотос“ во Скопје денеска ќе се одржи Фестивалот на Цивика мобилитас „Ден на граѓанските организации“ 2026.
Фестивалот официјално ќе биде отворен напладне кога на присутните ќе им се обратат амбасадор на Швајцарската Конфедерација во Северна Македонија Кристоф Сомер и директорот на МЦМС Александар Кржаловски. Потоа програмата продолжува со музика, најпрвин со бендот The Ringtones, а потоа со DJ UX.
Шаторите и штандовите ќе бидат исполнети со активности за различни интереси и за најмалите и за повозрасните посетители. Ќе има работилница за подигнување на свест за афазија, обука за законодавно застапување, дискусија за училишни градини, бесплатен час за дигитално образование, обука за шминкање и експерименти за преработка на био-отпад, како и проекција на документарен филм и видео презентација за животот во ромските населби. Младите од Тетово ќе одржат интерактивни работилници, а на сите што сакаат да учат преку игра им е отворена и работилницата за пишување сценарио за опасностите од дигиталните технологии.
За најмалите ќе има Детско катче, со магионичар, интерактивен перформанс, работилница за садење растенија и цртање и работилници за изработка на накит.

