Повеќе од 51 отсто од четиригодишната изборна програма на Општина Дебрца е реализирана или е во напредна фаза на реализација, истакна денеска градоначалникот Златко Сиљаноски, презентирајќи го отчетот за првата година од мандатот.
Како значајна инвестиција за локалната економија, Сиљаноски ја посочи изградбата на фабрика за производство на еластични огради во Мешеишта, инвестиција вредна шест милиони евра која, како што наведе, ќе отвори нови работни места.
Во отчетот обајвен на неговиот фесјбук-профил, тој посочи бројни инфраструктурни проекти во населените места во Дебрца, меѓу кои реконструкција и асфалтирање на улици и локални патишта, изградба и реконструкција на водоводна и канализациска мрежа, како и проекти за водоснабдување и наводнување.
Сиљаноски информираше и за инвестиции во комуналната инфраструктура и опрема на ЈКП „Дебрца“, меѓу кои нови комунални возила и механизација, како и за расчистување на диви депонии и други активности за заштита на животната средина.
Во социјалната сфера тој ги посочи општинските субвенции за полагање возачки испит за младите до 21 година, финансиска поддршка за локалните продавници и мерки за поддршка на семејствата и наталитетот. За учениците обезбедени бесплатни училишни униформи, поддршка за првачињата, бесплатен превоз, стипендии и награди…
Сиљаноски посочи и дека според Центарот за економски анализи, Дебрца бележи напредок од 25 отсто и се наоѓа меѓу петте општини со најголем напредок во даночната транспарентност во земјата.

