По повод одбележување на 50 години од основање на Општина Карпош, попладнево, во рамки на култниот спортски објект „Наум Наумовски Борче“ – Партизан, беа официјално отворени Младинскиот Центар – Карпош (МЦК) и Ресурсниот Центар – Карпош (РЦК). Идејата за отворање на двата младински центри на територија на Карпош, потекнува од Сотир Лукровски и Мирјана Пехчевска, а за нивната целосна реализација се погрижија претставниците од Секторот за развој од Општина Карпош, Александра Теова и Роберт Јанковски.
И покрај тоа што овие два центри активно функционираат веќе три месеци, денеска беа официјално промовирани пред пошироката јавност. Станува збор за две нови простории во рамки на спортската сала Партизан, која Општина Карпош им ги отстапи на невладините организации и на младите карпошани, за да можат на едно место непречено да ги реализираат своите идеи, активности и иницијативи.
На свеченоста присуствуваа жители од Карпош, претставници на невладини организации, на Халк банка, Стопанска банка, вработените од книжарницата Тримакс, како и првиот човек на Општина Карпош, Сотир Лукровски.

– Особено значајно е што во работата на двата центри веќе се вклучени десет невладини организации, кои делуваат во различни области – од спортот и бизнисот, преку екологијата и младинските прашања, па сѐ до поддршката на лицата со попреченост. Затоа, нека Ресурсниот и Младинскиот центар – Карпош, бидат места каде ќе се раѓаат идеи, ќе се создаваат промени, во кои младите ќе се чувствуваат слушнати и поддржани, граѓанските организации ќе бидат секако добредојдени, а целата локална заедница ќе го препознае просторот за соработка и заедничко дејствување – истакна градоначалникот Лукровски.
Во оваа пригода, градоначалникот Лукровски им врачи благодарници на претставниците на ХАЛК банка, Стопанска банка и Тримакс, за поддршката која ја пружија трите фирми, во насока на опремување на МЦК и РЦК. Во знак на поддршка за младите, голем дел од присутните гости донираа книги по личен избор, кои ќе ја збогатат колекцијата на младинската библиотека, која ќе функционира во рамки на Младинскиот Центар – Карпош. По повод свеченото отворање, гостите напишаа куси пораки и предлози до младите, додека пак младите испишаа креативни идеи како го замислуваат Карпош.

Дополнително, манифестацијата беше збогатена со динамичните звуци на шест прекрасни младински бендови.
Од понеделник, Младинскиот Центар – Карпош ширум ги отвора вратите за младите, каде ќе се одржуваат тематски сесии, ќе се развиваат конструктивни дебати и ќе се презентираат нови идеи. Оттука се очекува да произлезат младински иницијативи, за подобрување на квалитетот на животот на сите жители кои се дел од оваа локалната заедница.

