Во банкарски сеф, во текот на вчерашниот ден, пронајдени се уште околу 50.000 евра, за кои постои сомневање дека потекнуваат од криминалните активности на веќе приведената група од Прилеп. Исто така, при вкупно 36-те претреси кои биле направени, четири од нив биле кај полициски службеници, кои не се во групата на приведени. Истрагата продолжува и понатаму, со цел откривање на сите детали како оваа криминална група функционирала речиси 15 години, изјави при денешната посета на ОВР Прилеп, директорот на БЈБ, Александар Јанев.
„Спроведовме претреси на повеќе од 36 локации. Уште една локација беше вчера, исто овде во Прилеп, во банка, во сеф, каде што, еве, можам да кажам дека пронајдовме дополнителни парични средства, некаде над 50-тина илјади евра… Тоа што сакам да истакнам е дека во тие 36, односно 37 локации, четири беа извршени кај полициски службеници, вработени во рамки на Одделението за внатрешни работи Прилеп“, рече Александар Јанев, директор на БЈБ.
Во текот на вчерашниот ден поднесена е кривична пријава до надлежното ЈОГОКК, во која се опфатени 21 лице, а веднаш по пријавата и Судот во Скопје издаде мерки за обезбедување на сите лица, што, според Јанев, е една голема сатисфакција дека сето ова што го работела Полицијата, го сработила максимално професионално.
„Тоа што е најважно за мене како прв човек на БЈБ и за сите колеги е дека митот за недопирливите во Прилеп конечно падна. Тоа е тоа што е наша должност, наша мисија – дека никој не може да се задскрива зад одредени конекции, зад одредени врски, одредени познанства и да се шетаат по прилепските улици и да се прават недопирливи“, потенцираше Јанев.
Инаку, како што е познато, во завчерашната акција во Прилеп беа запленети преку 130.000 евра, дрога, димен пиштол, муниција од различен калибар, луксузни патнички автомобили, мотоцикли, мобилни телефони, метална дробилка, метален детектор, ваги и други предмети за кои постои основано сомнение дека потекнуваат од кривичното дело производство и пуштање во промет наркотични дроги. За дел од осомничените постои и сомнение дека оперирале и во Грција, Шпанија и Франција, переле пари, купувајќи движен и недвижен имот.

