Државата го решава предизвикот со згрижување на старите лица. Објекти има, но нивниот број е далеку од доволен за да се одговори на потребите. Посебно во источниот дел на Македонија, каде ваква институција има само во Берово. Работите сега се менуваат, а промените стартуваат од Кочани. Со поставување на камен-темелник започна изградбата на Домот за стари лица во Кочани. Објектот треба да биде готов за три години, ќе биде со капацитет за повеќе од 140 легла и ќе се простира на околу 4.000 метри квадратни. Домот ќе биде на три ката, со простории за медицинска нега, рекреација и социјални активности, а ќе се искористуваат и геотермалните води.
„Проектот е навистина голем, со повеќе од 226 милиони денари, од кои 199 се учество на Владата, односно Министерството за социјална политика, а останатите се во кофинансирање на самата општина. Ќе трае повеќе од три години, бидејќи се работи за голем простор, за повеќе од 141 легло, кое ќе биде на можност за користење кога ќе биде финиширан конечно“, изјави министерот за труд, социјала и демографија Ѓоко Велковски.
Изградба на дом за стари лица е идеја стара речиси четири децении. Во Источниот регион единствено ваква институција има во Берово, каде поради ограничениот капацитет, листата на чекање е долга. Новиот дом ќе биде во државна сопственост и, за разлика од приватните, ќе понуди подостапни цени.
„Од огромно значење е, бидејќи знаеме дека е неопходно потребен на самиот град. Во моментот во другите поблиски старечки домови се чека и со години, редови за згрижување на истите лица“, изјави градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов.
Паралелно со Кочани, во најава е изградба на домови и во другите општини. За околу еден месец ќе стартуваат градежните активности во Кавадарци. Во Штип, имотот е вратен на Општината и претстои ревидирање на проектот, бидејќи е стар повеќе од 15 години. Во Пробиштип, пак, постојниот проект не ги исполнува стандардите и предвидените 40 милиони денари не се доволни за целосна реализација.
Во Кочани денеска беше отворен и Дневен центар за лица со попречености, каде што секојдневно ќе се обезбедува згрижување и поддршка и за корисници од околните општини.

