Еднократната парична помош за прво новородено дете да се зголеми од 5.000 на 18.450 денари, а за второ новородено дете од 20.000 на 36.900 денари, но и да се утврди еднократна парична помош во износ од 52.275 денари за близнаци, трето и секое наредно новородено дете, предвидува Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата, поднесен од независниот пратеник Миле Цеков, што денеска, во прво читање, не беше прифатен од собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади.
Како што рече Цеков, моментно паричната помош е многу мала, а и не постои ниту една активна мерка која би го зголемила наталитетот во земјава или би ја подобрила демографската слика на Македонија.

-Не тврдам дека со ова законско решение ќе го решиме демографскиот проблем кој е многу комплексен, но ако постојано зборуваме дека ни се потребни повеќе деца и млади семејства, тогаш државата треба да го покаже тоа со поголема финансиска поддршка, а не со апели и убави пораки. Најлошо е да кажеме дека идејата е добра, а семејствата и натаму да чекаат, истакна пратеникот.
Според Ангелинка Петкова од ВМРО-ДПМНЕ, решението што е предложено не е спорно, но не е поткрепено со анализа која би покажала дали проектираната поддршка навистина ќе даде демографски резултат.

-Сите се согласуваме дека треба да се направи нешто за состојбата со новородените деца и да, семејствата треба да имаат поголема поддршка, но во предлогот не гледаме никакви анализи како се добиени овие износи за поддршка, колку семејства се опфатени, какви ќе бидат финансиски последици во наредните години, дали мерката навистина ќе даде демографски резултат. не е доволен аргументот дека трошоците за живот се зголемени. Ако сакаме да помогнеме, треба да знаеме кому помагаме, како и каков резултат ќе имаме. Значи, спорен е начинот како се предлага ова решение, без јасна проценка. На семејствата им треба вистинска поддршка, а не ад-хок мерка. Со предложените измени за прво дете зголемувањето е повеќе од три пати што сметам дека е премногу, нагласи Петкова и дополни дека Владата е во преговори да носи нов закон за измени на Законот за социјална и детска заштита каде точно ќе се предвиди кои мерки ќе се преземат, базирани на дорба анализа.
На тоа реплицираше Цеков, прашувајќи ја пратеничката за каква анализа зборува.
-Каква анализа ви е потебна? Постои систем за исплаќање за прво и второ дете, само за трето дете нема. Не можам да ја разберам оваа аргументација од ваша страна кога и вие го имате напишано тоа во програмата, само со помали износи. Малку сте ми контрадикторни, рече Цеков.
И пратеничката Олга Лозановска од ВМРО-ДПМНЕ, која претседаваше со Комисијата, констатира дека во предлог-законот поднесен од Цеков нема проценка на влијание врз регулативата.
-Не е во прашање помошта кон семејствата, туку тоа што предлогот нема разработена финансиска и долгорочна демографска анализа, рече Лозановска.
Јованка Тренчевска од СДСМ оцени дека предлогот на Цеков е добар и на време поднесен. Таа ги повика останатите членови на Комисијата да го поддржат.
-Мораме да се грижиме за семејствата и за сите млади луѓе кои во наредниот период планираат да оформат семејства и да имаат деца. Многу е важна финансиската поддршка за новородените деца. Србија, на пример, за првородено дете дава 3.000 евра еднократна помош. Износите што ги предлага Цеков се скромни и не се големи за буџетот, нема да го оптоварат. Да, само финансиската поддршка на семејствата нема да ја промени демографската слика, но е една мерка што ќе покаже дека Владата нешто прави, укажа Тренчевска.

Во Предлог-законот на Цеков се наведува дека ако се земат предвид зголемените трошоци за живот, порастот на цените на основните производи и услуги и зголемените трошоци поврзани со раѓањето и подигнувањето на децата, постојните износи на еднократната парична помош не обезбедуваат соодветно ниво на материјална поддршка за семејствата.
– Предлог законот се предлага поради зголемените трошоци за живот и потребата од усогласување на висината на еднократната парична помош со реалните финансиски потреби на семејствата при раѓање и подигнување на децата. Се обезбедува зголемување на помошта за прво и второ новородено дете, како и воведување еднократна парична помош за близнаци, трето и секое наредно новородено дете, со цел обезбедување посоодветна материјална поддршка на семејствата. Согласно постојните одредби од Законот, право на еднократна парична помош се обезбедува за прво и второ новородено дете, пишува во предлог-измените.

