Македонија успешно ги спроведува реформите, а поддршката на граѓаните за членство во Европската Унија е голема. Вицепремиерот Александар Николоски на панел дискусијата посветена на проширувањето на ЕУ во Брисел рече дека Македонија бележи добри резултати, односно има трет најголем економски раст во Европа од 4,3% во вториот квартал годинава. Дополни и дека земјава целосно е усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
„Она што е многу важно за мојата земја: имаме политичка, економска, но и меѓуетничка стабилност и кохезија, нешто кон кое стремевме во минатото. Кога ќе ја погледнете целата слика, земјата се движи во добар правец. Целосно сме посветени и усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија — не 80%, не 90%, туку 100%. Единствената причина зошто не напредуваме, за жал е ова вето од Бугарија“– рече вицепремиерот Николоски.
Вицепремиерот Николоски потенцираше дека поддршката од ЕУ за Македонија е голема и за него добар сигнал е денешната посета на претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен во Скопје.Вели дека постои интерес регионот да се приближи кон Европа и смета дека земјава треба да ја искористи таа ситуација.
„Сега работите дефинитивно се менуваат. Секако, ситуацијата со Украина и Молдавија му помага на целиот процес на проширување и тоа треба да се искористи. Постои интерес за регионот. Се надевам дека ќе се најде механизам што Европската Комисија ќе може да го искористи и да ги отвориме пристапните преговори. Отворените прашања со соседите мора да се решат на еден или друг начин, но сметам дека атмосферата ќе биде многу порелаксирана и позитивна ако ги започнеме преговорите“– рече вицепремиерот Николоски.
На панелот, Николоски потенцираше дека успехот на регионот е заедничкиот настап и тоа веќе се препознава преку постигнатиот економски раст и развојот на туризмот и ависообраќајот. Вицепремиерот, претходно во Брисел улествуваше на глобалниот настан “Денови на поврзување на Европа”, на кој ја претстави стратегијата за развој и модернизација на автопатската и железничката инфраструктура.

