Од 500 до 800 денари за грам марихуана, од 4 до 6 илјади денари за грам кокаин – грам по грам собрале пари за куќи и станови, луксузни коли и тоа не какви било туку „Ленд Ровер“, „Масерати“. Дрогата се набавувала од продавачи од Струга, Дебар, Гостивар па дури и од Албанија и се чувала на добро сокриени локации, па потоа се организирала препродажба на македонскиот црн пазар, а купувачи имало од Прилеп, Битола, Кавадарци, Неготино, Велес и Скопје. 21 член брои злосторничката група која ја разби полицијата во Прилеп. Мрежата била формирана од првите двајца осомничени прилепчани за дилање дрога и шверц на оружје, кои дел од парите им ги давале на продавачите од групата, а со другите пари купувале движен и недвижен имот, дел вчера запленет од полицијата.
- „Извршени се претреси кај 31 лице, на вкупно 36 локации, од кои 33 на подрачје на Прилеп, две на подрачје на Скопје и една на подрачје на Струга. Притоа, од слобода се лишени 20 лица, а при извршените претреси се пронајдени и одземени тревкаста материја, бела прашкаста материја, грутчеста материја, гасен пиштол, муниција од различен калибар, поголема сума на девизни и денарски парични средства, патнички возила, мотоцикли, мобилни телефони, метална дробилка, метален детектор, ваги и др..“ велат од МВР.
Челниците во групата веќе имаат дебело полициско досие но не само во Македонија. Додека првите двајца осомничени биле ангажирани за мрежата кај нас, троосомничениот лани бил фатен и уапсен во Франција со 10 килограми кокаин кој многу веројатно требало да заврши во домашната нелегална трговија.
Организаторите, со намера да ги прикријат огрмните суми на пари, ги внесувале во легалниот платен промет, а докази се обезбедиле за речиси 65 илјади евра кои биле пуштени во отпек.
Според министерот за внатрешни работи, дел од осомничените се поврзуваат со тешки кражби на Халкидики во Грција, додека пак други со криминални дејствија во Шпанија.
- „Навистина станува збор за една сериозна организирана криминална група којашто, пак ќе повторам, многу години роварела не само во Македонија туку и во земји членки на Европската Унија и со една опсежна акција под координација на Јавното обвинителство, повеќе од година дена, пак ќе повторам, е работена оваа организирана криминална група“, рече Тошковски.
Од нелегално стекнатите пари, имоти не се купувале само во Македонија туку и во Србија.
Полицијата ги товари за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори и перење пари.

