Фикција, измислена приказна, чудна комедија за оние што имаат и немаат. Лута сатира и истовремено суптилна поема за брат и сестра кои живеат на маргините на општеството и се борат против неговата корумпираност.
Вака денеска режисерот Мило Манчвески накусо го опиша својот најнов долгометражен игран филм, „Сестра, брат и шахта“, чија светска премиера е закажана за 30 октомври, на Интернационалниот филмски фестивал во Токио.
Се очекува, многу скоро потоа, кон крајот на ноември, филмот да биде прикажан и пред македонската публика и веднаш да продолжи во кинодистрибуција.
Филмот е за антихерои и отфрла секаква жанровска класификација, мамејќи и солзи и смеа. Иако се случува во денешна Македонија, содржи универзално размислување за тоа како луѓето живеат и се поврзуваат во современиот свет.
„Сестра, брат и шахта“ е поддржан со 28 милиони денари од Агенцијата за филм, а добил поддршка и од национални филмски фондови, македонски компании и културни институции, како и од приватни инвеститори од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и од Англија.

Главните улоги им се доверени на Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, а играат и Јана Костовска, Иван Ѓоршевски, Виктор Арсов, Марина Попанкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски.
Продуцент е Јане Ќортошев, долгогодишниот соработник на Манчевски од Велика Британија, Дејвид Манс, е дизајнер на продукција, директор на фотографија е Стефано Фаливене од Италија, кастинг директорка е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, а шминката на Бистра Кечиџиева од Бугарија.
-„Сестра, брат и шахта“ е една лута сатира и еден нежен портрет во исто време, на брат и сестра кои со хумор и пркос се справуваат со едно корумпирано општество. Нашите Ивица и Марица крадат бисти на народни херои и шахти, и еден убав ден се среќаваат со една слепа богата баба. Филмот се случува денеска. Филмот е фикција, измислена прикаска, но, како и секоја добра прикаска, инспирирана е и поттикната од вистински случувања кои потоа уметниците и екипата ги преработуваат низ себе, некогаш свесно, некогаш несвесно. И во овој филм, како и во сите претходни, имам работи кои се сонувани, измислени, кои сум ги слушнал или ми се случиле, но важно е да бидат исплетени во една прикзна што ќе биде компактна, истакна Манчевски на прес-конференција по повод светската премиера.
Како што објасни, сестрата и братот во филмот не даваат отпор кон корумпираното општество преку крадењето на шахтите и бистите.
-Тоа е во нивниот генерален однос кон какви било авторитети, особено лажни авторитети и дел од тоа е нивната безобѕирност или привидна безобѕирност кон добробитта на другите луѓе или кон туѓата сопственост и, се разбира, кон историјата, рече режисерот.
На продуцентот Ќортошев, кој трет пат соработува со Манчевски по „Врба“ и „Кајмак“, најпрво му се допаднала идејата за „Сестра, брат и шахта“.

-Во сите три случаи, за сите три филма, најпрво ми се допадна идејата. Премисата на „Сестра, брат и шахта“ мислам дека е генијална – распродажба на народни херои на кило. Брат и сестра крадат споменици, бисти и ги продаваат за старо железо. И шахти. Премисата е одлична и за истото мислам дека се залепија и копродуцентите. Најпрво приказната, а потоа сценариото. На Милчо дијалогот секогаш му е толку жив, толку уникатен, вистински, што сценариото не може да те остави рамнодушен. И секако, можноста за соработка со Милчо е секогаш предизвик за сите, потенцира Ќортошев.
Дополни дека и овој пат македонски филм ќе патува во Азија.
-Одиме на Интернационалниот филмски фестивал во Токио, фестивал од А-категорија, би рекол, еден од најреномираните во светот. Бевме во Токио со „Кајмак“ во 2022 година. За наша радост и со гордост, повторно сме во Токио. На 26 октомври е отворањето на Фестивалот, каде што нашата екипа ќе дефилира на црвениот килим заедно со останатите филмаџии. На 30 октомври е светската премиера во најголемата сала на фестивалот, а веднаш потоа актерите и режисерот ќе имаат сесија разговори со публиката и со јапонските и меѓународните медиуми. На 2-ри и 3-ти имаме уште две проекции. Се трудиме многу брзо да го донесеме филмот дома. Би требало некаде кон крајот на ноември да е веќе пред македонската публика и веднаш да продолжи во кинодистрибуција. Секако ќе се обидеме, како со претходните два филма – „Кајмак“ и „Врба“, да покриеме колку што може повеќе од Македонија, во смисла каде што има услови за какво било гледање филм, филмот да го однесеме и таму, подвлече продуцентот.
„Сестра, брат и шахта“ е во натпреварувачката селекција на фестивалот во Токио.

-Агенцијата за филм ќе ги поддржи меѓународната промоција на филмот и екипата во Токио, како и претставувањето на филмот пред домашна и меѓународна публика и целата филмска јавност. Со многу голема радост ја примивме информацијата дека филмот ќе нѐ претставува на годинашното издание на „Токио Филм Фестивал“. Се радувам на успехот што ќе го донесе овој филм. За нас како институција е многу важно македонските филмови и автори да имаат силна видливост пред домашна публика, но истовремено и да бидат видени и препознаени на меѓународна сцена. Мислам дека овој филм на Милчо тоа многу успешно ќе го направи. „Брат, сестра и шахта“ е уште едно македонско филмско остварување кое своето меѓународно патување ќе го почне во Токио, меѓутоа, убеден сум дека ќе ги освои срцата и на македонската публика. Се надевам дека целата македонска јавност ќе ужива во филмот и дека Милчо ќе ни донесе повторно уште едно значајно меѓународно признание од Токио, со кое сите ќе се гордееме, потенцира директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски.
Актерката Климоска се осврна на ликот на Малина.
-Силината и пркоста на Малина ми беа јасни уште од првото читање на сценариото. Поважната задача за мене беше како да произлезе таа ранливост, а да не се потенцира дополнително, да не се преглумува, да не се доигрува, зашто сметам дека, сепак, Малина е еден лик кој мора да ги издржува работите, да ги крие емоциите за да продолжи напред и да се грижи за својот брат. Така што, ми се чини дека ранливоста ја прави повеќе силна, а не ја прави слаб лик, истакна Климоска.
Актерот Трајковиќ во создавањето на улогата на Виктор ги видел радоста и среќната страна на постоењето.

-Неговиот оптимизам и вербата дека луѓето сепак се добри и чесни се единствениот рецепт за вистинска среќа. Кога секоја постапка е водена од чиста љубов, не можеш да се осудуваш себеси дека си направил нешто зло. Тогаш можеш да се радуваш на сè што имаш, колку и да изгледа банално и неважно во очите на другите. Кај мене филмот го промени начинот на кој гледам на работите во животот. Сфаќаш дека за многу радост не треба толку многу, треба само да сме задоволни и среќни со она што го имаме, а тоа многу тешко се постигнува. Во однос на тоа што е тоа што го има Виктор, а што не го гледаат другите – еден сериозен, стоички оптимизам што никако не може никој да го сруши. Постојано верува во тоа дека луѓето се добри и дека доброто на крај ќе победи, рече Трајковиќ.
Актерката Михајлова се обрати преку видеопорака од Битола и откри дека ликот на Тодора што го игра, е снаа на Ѓорче Петров.
-На прв поглед ликот на Тодора е ладен, арогантен, суров, а во суштина потоа се открива дека се работи за великодушна жена. Тодора е мајка, стара мајка која во животот многупати била повредена и изневерена, била дури и жртва, но го доживува и моментот да биде изневерена и предадена од родениот син. Оттука нејзината ладнокрвност, арогантност, горчина,… Во средбата со братот и сестрата почнува еден пат што за Тодора значи отворање на шахтата во која се наталожиле сите невери што ѝ се направени во животот. Се открива голата вистина за нејзиниот син, кој од друга страна за неа значи ослободување од тињата и талогот насобрани во нејзината душа, за да стигне до оној момент на великодушно давање. Како реагирав кога прочитав во сценариото дека ликот на Тодора е снаа на Ѓорче Петров? Со радост и со гордост. Ѓорче Петров ми е еден од омилените ликови во нашата револуционерна историја, кој покрај сите свои активности – историчар, публицист, професор, запишал и една прекрасна за мене мисла, а тоа е: „Македонија е благословена земја. Божји дар се нејзините плодни полиња, шумите, планините, езерата – убавини на коишто и швајцарците можат да ѝ позавидат.“ Му благодарам на Милчо што ме даде за снаа во толку прекрасна македонска фамилија – фамилијата на Ѓорче Петров, нагласи Михајлова.

Трејлерот на „Сестра, брат и шахта“ денеска ексклузивно го објави Variety, едно од највлијателните и најстарите американски списанија посветени на забавната индустрија, кое детално ги покрива областите на филмот, телевизијата, театарот, музиката и дигиталната технологија.
Манчевски за една година успеа да сними два филма: долгометражниот документарец „Добри луѓе“ и играниот филм „Сестра, брат и шахта“, што, како беше речено на прес-конференцијата, е редок случај дури и во светската кинематографија. Двата филма во еден период Манчевски успеал да ги работи и паралелно, а сега, откога се завршени, го продолжуваат својот пат пред меѓународната публика. „Добри луѓе“ се прикажува на фестивали во Софија, Торино, Тирана и Белград, а веќе претстои и светската премиера на „Сестра, брат и шахта“.
Во 1995, Јапонија првпат виде македонски филм. Манчевски беше првиот македонски автор кој ги проби границите за македонскиот филм и во Азија. Тој беше во селекцијата на Токио уште со „Пред дождот“ и со „Прашина“, а во 2022 година и со „Кајмак“. Во Азија, не само македонската кинематографија, туку и името Македонија, како и нејзиното место на светската мапа се директно поврзани со филмовите на Манчевски.
„New York Times“ го запиша „Пред дождот“ во листата 1.000 најгледани и најдобри филмови во светот, а неодамна објави и листа за најдобрите пет серии во 21 век, меѓу кои е и серијата „The Wire“ – „Жица“, во чија прва сеозна Манчевски го остава својот режисерски потпис.

