Во Општина Чаир е формиран Општинскиот совет за превенција на детско престапништво, кој ја одржа и првата седница, со што започнува координиран меѓуинституционален пристап во насока на превенција на детското престапништво и заштита на децата.
Советот е составен од 11 членови, претставници на Општина Чаир, Советот на Општината, Јавното обвинителство, полицијата, Центарот за социјална работа, Министерството за социјална политика, советите на родители од основните и средните училишта, Адвокатската комора, здруженијата и фондациите кои дејствуваат во областа на заштитата и правата на децата, како и судија за деца.
Општина Чаир информира дека на првата седница се дискутирало за улогата и начинот на функционирање на Советот, зајакнувањето на меѓуинституционалната соработка, како и за конкретните чекори што ќе се преземат во насока на превенција, навремено препознавање и справување со појавите што може да ја загрозат безбедноста и благосостојбата на децата.
-Формирањето на овој Совет е дел од активностите што Општина Чаир ги иницираше во рамки на темата „Насилство меѓу врсниците“. Активностите ќе продолжат и во наредниот период, со посебен фокус на превенцијата, подигнувањето на свеста, соработката меѓу институциите и создавањето што е можно побезбедна средина за децата, наведува Општина Чаир во соопштението.

