Реклама

Клековски: Современа терапија за цистична фиброза примаат 126 пациенти, меѓу нив и деца над две години

Настап на Венко Филипче во Собранието: Премиерот го нарече идиот, критичарите ќе ги газел како шлепер жаба

Николоски од Брисел: Изградбата на автопатите и железницата се стратешки приоритет за Македонија

ДЗР: „Мој термин“ 738 дена без договор за одржување, Клековски најави план за надминување на проблемите

Привремено „смирување“ на депонијата Буково со земја и механизација, сè до изградбата на регионалната „Новаци“

Мицкоски до студентите на УГД: Каде и да одите, вратете се дома со знаење, со искуство, со идеи, за заедно да ја градиме Македонија

Кос: ЕУ во вторник ќе ги соопшти новите модели за интеграција, членството во ЕУ носи раст на БДП и до 50%

АНБ разоткри мрежа од псевдо-портали коишто ширеле руска пропаганда

Николоски од Брисел: Изградбата на автопатите и железницата се стратешки приоритет за Македонија

Николоски од Брисел: Инвестициите во инфраструктурата и растот на економијата препознаени и потврдени од Европската Унија

Полициска акција во Прилеп, Струга и Скопје за сузбивање трговија со дрога – над 17 уапсени

ЕУ со нов план за кандидатите – Македонија поблиску до Европскиот пазар

Македонија

Мицкоски до бруцошите: Каде и да одите, вратете се дома и заедно да се бориме за нашата  Македонија

Вистинскиот живот е борбата која што ве чека, борбата за вашето семејство…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Вистинскиот живот е борбата која што ве чека, борбата за вашето семејство и борбата за вашата родна земја Македонија. Тоа никогаш немојте да го заборавите, каде и да одите, вратете се дома и заедно да се бориме за нашата најубава земја на светот, Македонија – порача денеска премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање пред бруцошите на првиот академски час на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип.

На универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип на 12 факултети и трите академии во прва година за академската 2026-2027 година се запишани околу 1.500 бруцоши. Претседателот на Владата, Мицкоски во своето обраќање пред студентите и професорите упати порака неговите колеги да го пренесат знаењето на младите, да бидат нивни педагози и пример во животот.  

– Од тоа знаење коешто вие ќе им го пренесете зависат и нивните семејства во иднина, нивните деца, нивните внуци и сè она коешто ќе следи како предизвик во нивниот живот. Искористете ја таа шанса, бидете дел од нивната младост, но исто така бидете дел и од нивниот живот понатаму низ годините коишто следат. Имајќи ја најубавата работа на светот, тоа треба да ви биде чест, но и одговорност, бидејќи ретко кој има таква одговорност и можност во животот. Затоа, мојот совет и мојата порака до моите колеги, а ваши професори е бидете тоа што треба да бидете, бидете нивните педагози и нивниот пример како понатаму во животот треба тие да бидат пример за своите деца и за своите семејства – истакна Мицкоски.

Реклама

Навраќајќи се на своите студентски почетоци, тој нагласи дека животот го носел во различни средини и неколку европски градови, но, оти она кое што секогаш го инспирирало и му претставувало водилка во животот била неговата родна земја, Македонија. 

– Каде и да одев, се враќав назад и знаев дека тука ќе го формирам моето семејство и тука ќе го продолжам мојот живот. На тој начин ги воспитувам и моите два сина, Јован и Антониј -да патуваат, да стекнуваат знаење, да другаруваат, да го поминат целиот свет и онаму каде што ќе имаат можност, никогаш таа можност да не ја одбијат. Но на крајот, да се вратат дома и заедно дома да се бориме за нашата заедничка татковина Македонија – рече Мицкоски.

 На бруцошите им посака успешни години на другарување, стекнување знаење и учење. 

– Инспирирајте се од убавините на вашата татковина Македонија, работете за вас, за вашите семејства и за неа, бидејќи поубаво место друго на светот немаме – подвелече Мицкоски.

Добредојде на студентите во прва година на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип им посака и ректорот Дејан Мираковски, потенцирајќи дека денешниот ден ќе го помнат целиот свој живот.

– Можеби нема да се сеќавате на секој збор што ќе се изговори тука, но ќе се сеќавате на чувството кога за првпат седнавте во амфитеатар како студенти. Да се биде дел од академската заедница е чест, но и одговорност. Универзитетот не е место само каде што се добива диплома. Тоа е место каде што се поставуваат прашања, се преиспитуваат вистини и се раѓаат идеи за иднината – рече Мираковски.

Од студентите рече дека очекува не само да станат врвни професионалци, туку и луѓе кои ќе носат позитивни промени во нашето општество.

– Ваша задача е да бидете упорни, љубопитни и да верувате во себе. Верувајте и во вашите професори – тие несебично ќе го споделат своето искуство и знаење. Наша задача е да ви создадеме услови во кои вашите идеи и вашиот талант ќе растат. Студентските години нека не бидат само подготовка за професијата, нека бидат време во кое ќе го проширите својот свет. Истражувајте, патувајте, учете, поврзувајте се и создавајте. Излезете од овој универзитет како образовани, самостојни и одговорни луѓе, подготвени да ја земете иднината во свои раце – подвлече Мираковски.

Ректорот на УГД-Штип, Мираковски истакна дека задача на Универзитетот е да создадат услови во кои сите идеи и талентот на студентите ќе растат. 

– Денес особено сакам да потенцирам дека вашето студирање не мора да остане само во рамките на овој универзитет. Човекот чие име го носи нашиот универзитет, Гоце Делчев, пред повеќе од еден век рекол: „Светот го разбирам единствено како поле за културен натпревар меѓу народите.“ Тоа е и нашиот поглед кон светот- не граници, туку можности; не затвореност, туку натпревар во знаење и во култура. Ние сме горди членови на Европската универзитетска алијанса ACE2-EU и имаме повеќе од 400 договори за соработка со универзитети ширум Европа. И тоа не се само бројки на хартија – тоа се отворени врати, врати кон друга лабораторија, друга библиотека, друг град, друг јазик – подвлече Мираковски. 

Директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, м-р. Ана Михајлов на студентите им порача да не студират само за диплома, туку за знаење. Претставувајќи им ги европските можности на новите студенти им укажа на  можностите да поминат студии на некој европски универзитет, да учат и работат со своите врсници од другите европски земји.

-Затоа мојата порака до вас е конкретна: аплицирајте за Еразмус+, одете на мобилност, учествувајте во меѓународни проекти, запознајте ги своите врсници, студенти од другите земји, излезете од она што ви е познато и удобно. Затоа што Еразмус + не е само патување, не е само еден семестар во странство и не е само уште една ставка во вашето CV. Еразмус+ е искуство што може да ви го промени погледот на светот, но и погледот кон самите себеси, рече Михајлов. 

Таа додаде дека пред студентите на УГД-Штип кои се дел од Европската универзитетска алијанса има можности за мобилности, краткорочни образовни активности, меѓународни настани, дигитална соработка, заеднички проекти и поврзување со студенти и професори од различни европски земји.

– Преку оваа алијанса досега се остварени 250 мобилности, но имате сѐ уште 750 мобилности да ги искористите во наредните години. Искористете го тоа. Затоа Европа не треба да ја гледаме како нешто далечно. Европа може да биде вашата следна училница, следната лабораторија во којашто ќе истражувате, следниот тим со којшто ќе создадете проект, следниот професор од когошто ќе научите нешто ново, следниот пријател што ќе го запознаете. Но, сакам да ви упатам уште една порака: одете во Европа, учете во светот, собирајте искуства, но не заборавајте дека и на Македонија ѝ е потребно вашето знаење-подвлече Михајлов.

Матеј Бошковски, студент на Факултетот за медицински науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ и претседател на Студентски организираната медицинска асоцијација СОМА- Штип на идните негови колеги им порача да влезат во студентските организации и да учествуваат и креираат настани. 

​-Јас би сакал да кажам до моите нови колеги дека УГД ја има најсовремената и најдигиталната академска средина. Овде ги имаме е-индексот, е-библиотеката, студентскиот е-маил и останатите електронски платформи, кои го олеснуваат секојдневното студирање на нашите студенти. ​Исто така, програмите за Еразмус плус и ACE2EU алијансата им нудат можност на нашите студенти да излезат од локалната академска средина и да станат дел од европскиот образовен простор-рече Бошковски. 

Инаку, по првиот академски час, околу 1.500 бруцоши денеска на своите матични факултети ќе имаат средби и со деканите и професорите. вдј/са/

Фото: МИА