Во Собранието денеска ќе заседаваат две комисии – Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика и Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање.
Пред членовите на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика се Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Северна Македонија и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, и двата во прво читање.
Со Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, поднесен од пратеничката група на СДСМ, се предлага минималната плата да се зголеми на 36.960 денари.
Целта на Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи – Прво читање, поднесен од пратеничката група на СДСМ, е да се уреди правото на работниците на годишен одмор и начинот на негово користење, со цел заштита на здравјето, работната способност и социјалната сигурност на работниците. Со изменувањето се овозможува користење на годишен одмор и после 30 јуни идната година во целост по престанокот на причините за отсуство, но до крајот на идната календарска година, како и да се обезбеди непречено остварување на правото на отсуство поради бременост, раѓање и родителство и во случаите кога работничката не ги исполнува условите за надоместок на плата согласно со прописите за здравствено осигурување.
Н дневен ред на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање е Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина во прво читање, чија цел е транспонирање на Директивата 2014/52/ЕУ со што ќе се зајакне квалитетот на постапката за оцена на влијание врз животната средина односно ќе се осигура дека заштитата на животната средина е подобрена, ефективноста на ресурсите е зголемена и одржливито развој е подржан.

