Управата за јавни приходи (УЈП) и средното училиште „Васил Антевски – Дрен“ од Скопје денеска потпишаа меморандум за соработка, со кој се предвидува практична настава за 20 полнолетни ученици во работните простории на УЈП.
Како што стои во соопштението на УЈП, со меморандумот, потпишан од директорката на УЈП, Елена Петрова, и в.д. директорот на „Васил Антевски – Дрен“, Александар Мијоски се воспоставува рамка за образовна, практична и техничка соработка, која ќе се реализира во согласност со важечките прописи и наставни програми, како и со кадровските, просторните, техничките и организациските можности на УЈП.
– Соработката предвидува и реализација на едукативни посети, презентации, предавања и работилници, преку кои учениците ќе имаат можност стекнатите теоретски знаења да ги поврзат со практичната работа, како и да се запознаат со функционирањето на даночниот систем и работата на Управата за јавни приходи. Посебен акцент во соработката ќе биде ставен и на унапредувањето на фискалната едукација кај младите, преку едукативни активности насочени кон запознавање со значењето на даноците, јавните приходи и даночната одговорност, како и со улогата на Управата за јавни приходи во функционирањето на јавниот финансиски систем – стои во соопштението.

