Почна тридневна акција за расчистување на дивата депонија пред населбата „Перо Чичо“ , соопштија денеска од Општина Куманово и ЈП „Чистота и зеленило“. Денеска од локацијата се изнесени шест камиони со отпад, а расчистувањето ќе продолжи и во наредните два дена.
Директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Сашо Томиќ, информираше дека станува збор за отпад кој се фрла околу новоизградената пруга и во нејзината околина.

-Денеска се изнесени шест камиони со смет, акцијата ќе продолжи наредните два дена. Станува збор за смет кој се фрла околу новоизградената пруга и дел околу пругата. Ги замолуваме граѓаните да се воздржат од фрлање отпад, инспекцијата да излегува почесто на терен, а СВР Куманово да се ангажира со патролно присуство- изјави Томиќ.

Кумановци регираат дека на оваа локација со децении се фрла разновиден отпад и дека комуналното претпријатие континуирано организира акции за чистење, но отпадот повторно се одлага на истото место. Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, порача дека почиста и уредна животна средина може да се обезбеди со одговорно одлагање на отпадот и почитување на правилата од страна на сите граѓани.
-За почиста и поуредна општина, потребна е заедничка одговорност- порача Димитриевски.

